Косовските Срби бараат од Европската Унија да воведе политички и економски сакции кон властите во Приштина, се додека Владата на Рамуш Харадинај не ја повлече одлуката за 100 отсто такси на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, своето барање косовските Срби го изнесоа на денешниот протест во северна Митровица, на кој исто така беа побарани гаранции од меѓународната заедница дека во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население, нема да доаѓаат припадници на специјалните полициски единици и на Безбедносните сили на Косово (ФСК).

Тоа, според нив, е „единствениот начин да се избегне ескалација на конфликтот“.

Диркеторот на Клиничкиот болнички центар во Косовска Митровица, Милан Ивановиќ, кој во името на Србите од северно Косово ги прочита барањата до ЕУ, нагласи и дека политичките претставници на Србите нема да се вратат во институциите во Приштина се додека не биде укината таксата.

Тој исто така ја пренесе и поддршката за одлуката на претседателот на Србија, Александар Вучиќ дијалогот со Приштина да продолжи „само откако ќе се укинат дискриминаторските такси и другите нецарински мерки против српскиот народ“.

– Посебно го поздравуваме официјалниот став дека Србија ќе го заштити српскиот народ на северот на Косово и Метохија во случај на какво и да е загрозување на нашата безбедност, која е длабински доведена во прашање со формирањето на таканаречената Војска на Косово, изјави Ивановиќ.