Директорот на Полицијата на Косово Рашит Ќаљај информира дека на полициските службеници им е забрането во текот на работното време да седат во кафеани и да одат во џамија и дека тие таа забрана ја почитуваат, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Работното време се почитува сто отсто. Им забранивме на припадниците на полицијата престој во угостителски локали и одење во џамија во текот на работното време – изјави Ќаљај пред Комисијата за внатрешни работи на Собранието на Косово, каде што денеска даде отчет заедно со министерот за внатрешни работи Екрем Мустафа.

Директорот на косовската полиција информира и дека во текот на годинава во единицата за брзи интервенции се примени нови 107 припадници.

Министерот Мустафа нагласи дека приоритети на неговиот ресор се борбата против корупцијата и организираниот криминал, како што е трговијата со луѓе и незаконската миграција.

Членовите на Комисијата побараа од првите луѓе на полицијата да спречат повторување на скандалите, при што ја споменаа кражбата во одделението за докази и суспензијата на полицаецот кој ја објави информацијата дека синот на шефот на тајната полиција Шпенд Маџуни е приведен поради илегално поседување наркотични средства и оружје, а веднаш потоа и ослободен.