Ден пред доаѓањето на претседателот на Србија Алексанадар Вучиќ на Косово, а по заканите од Приштина, што ја доведоа во прашање самата посета, Косовска Митровица е на нозе, јави Танјуг.

Граѓаните очекуваат претседателот на Србија, сепак, да го посети Косово. 

И медиумите исто така ја очекуваат посетата, судејќи по големиот број новинарски екипи.

Граѓаните се поделени по прашањето дали претседателот на Србија ќе се одлучи на посета, но го очекуваат, за да, како што изјавија за Танјуг,  го слушнат планот на претседателот за решавање на косовското прашање.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера наредил на армијата, а потоа побарал од полицијата и од разузнавачката агенција да прекинат секаква комуникација со косовската полиција, КФОР и кои било албански и меѓународни претставници кои се активни на територијата на Косово, по повод неговата посета, јави Танјуг.

Вучиќ вчера требаше да донесе одлука за можно заминување во посета на  Косово, а според српската агенција, меѓу неговите соработници има целосна поделеност за прашањето за посетата на Косово.

Посетата на претседателот на Србија, претходно најавена за  утре и задутре, ненајдено беше доведена во прашање по информациите дека Приштина има намера да го спречи да ја посети Газивода.

Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели вчера изјави дека може да се случи на претседателот на Србија да му биде забранет влез на Косово.

– Не знам дали Вучиќ доаѓа на Косово, му дадовме дозвола, но со деструкција на стабилноста на Косово таа се доведува во прашање. Друга причина е – нема зошто да оди на Газивода и не знае дали ќе доаѓа, изјави Весели.

Оперативна група  на британската разузнавачка служба МИ6 завчера од Македонија е префрлена на Косово и тоа поради најавената посета на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тоа го тврди српскиот весник „Новости“ повикувајќи се на извори од разузнавачките служби.

Според весникот, посетата на Вучиќ е високоризична и за неа, политички и безбедносно, се заинтересирани разни структури не само од Балканот, туку и од светски центри на моќ. Посебно се ангажирани британските разузнавачки служби чии оперативци веќе подолго време имаат засилени активности на овие простори, тврди весникот.

Според нивни информации, за дводневната посета на Вучиќ на Косово ангажирани се сите српски служби за безбедност. Трасите по кои ќе се движи Вучиќ и сите места за посета ги обезбедува КФОР и косовските полициски сили. За целото време на посетата постојано ќе бидат ангажирани и два хеликоптера на КФОР.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, рече дека безбедносната ситуација, кога станува збор за посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Косово, „не е идеална”.

Тој изјави за Радио-Телевизија на Србија дека Вучиќ не се плаши да оди во Косово и да зборува со српскиот народ.

– Вучиќ оди на Косово за да влијае на тоа да се постигне мировен договор. Оди да се утврди стабилноста и мирот во регионот, и соочен е со опструкција на посетата и отворени закани, рече Дачиќ.

Министерот Дачиќ рече дека косовските закани се „празни” и и порача на Приштина „да не си играат со оган” кога станува збор за посетата на Вучиќ на Косово.

Запрашан за мотивите на Приштина да не го пуштат Вучиќ во Косово или да го посетат Газивода, Дачиќ рече дека тие не сакаат постигнување мировен договор и дека во тоа учествуваат влијателни земји на Советот за безбедност на ОН, кои не се Русија, САД и Германија.

– Важно луѓето од меѓународната заедница да видат со какви лудаци си имаме работа. Какви луѓе се тоа кога некој ќе оди во посета на мирот, му се закануваат на претседателот на Србија, го ограничуваат неговото движење”, нагласи Дачиќ.

Српскиот претседател е денеска во Брисел, на нова рунда од дијалогот помеѓу Белград и Приштина.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи, со посредство на шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини, ќе продолжат да работат на сеопфатната нормализација на односите и постигнување правно обврзувачки договор.

Засега нема потрвда дали Вучиќ ќе има средба со Тачи во Брисел.

Дипломатски извори на Танјуг во Брисел рекле дека „сите страни” во дијалогот проценуваат оти договорот може да се постигне и на почетокот на следната година или во наредните шест месеци.