Пратеничките групи на опозициските партии во косовското Собрание решија да не учествуваат на вонредната седница која требаше да се одржи во 9:00 часот и на која треба да се гласа за составот на владината делегација за преговорите со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата пред новинарите во Собранието ја објави шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), кој информира дека одлуката е донесена во координација со другите две опозициски партии, Движењето Самоопределување (ВВ) и Социјалдемократската партија на Косово (ПСД).

– Ние нема да учествуваме на оваа седница, бидејќи сметаме дека е тоа обид на премиерот и на Владата да ја бојкотираат седницата од 10 часот. Ние нема да дозволиме никој да игра со територијата на Косово – изјави Хоти.

Премиерот Рамуш Харадинај, на чие барање доцна синоќа беше свикана вонредната седница од 9 часот, изјави дека смета оти опозицијата греши што не учествува во расправата.

– Тие можат да не учествуваат во гласањето, но би било корисно да учествуваат во расправата, да кажат што е тоа што не им се допаѓа во врска со преговарачкиот тим што го предложив – изјави Харадинај, кој уште еднаш нагласи дека е против било какви корекции на границите на Косово.

Во собраниската сала во моментов се собираат пратениците од партиите на владејачкото мнозинство, но се чини дека нема да успеат да го обезбедат потребниот број гласови за одржување на седницата и изгласување на предлогот на Харадинај.

Под знак прашање е доведена и втората вонредна седница, закажана на барање на опозицијата, на која треба да се донесе резолуција со која ќе се забрани било кому, вклучително и на претседателот на државата Хашим Тачи, да преговара за размена на територии.

По одбивањето на опозицијата да учествува на првата седница, извесно е и дека двете владејачки партии Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Харадинај и Иницијативата за Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај ќе ја бојкотираат иницијативата на опозицијата, иако претходно најавуваа дека ќе ја поддржат.