Претседателката на актуелното Собрание на Косово и вршителка на должноста претседател на државата, Вјоса Османи ја закажа за идниот понеделник, 22 март, конститутивната седница на новиот собраниски состав, произлезен од вонредните парламентарни избори, одржани на 14 февруари.

Според соопштението од кабинетот на Османи, таа ја свика седницата согласно нејзините уставни обврски и овластувања, а по сертификацијата на конечните изборни резултати од страна на Централната изборна комисија.

Апсолутен победник на овие избори е партијата Движење самоопределување (ВВ) на Албин Курти, кој се очекува да биде иден косовки премиер. Изборната листа на ВВ, на која се приклучи и Османи со неколку соработници од нејзината доскорешна партија Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), освои 50,2 отсто од гласовите. Второрангирана е Демократската партија на Косово (ПДК), со 17 отсто, а следат досега владејачките ЛДК со 12,73 и Алијансата за иднината на Косово (ААК) со 7,12 отсто од гласовите.

Според овие резулгтати , партијата на Курти обезбеди 58 места во 120-членото Собрание на Косово, ПДК ќе има 19, ЛДК 15, додека ААК осум пратеници. Десетте пратенички места кои според косовскиот Устав се загарантирани за претставниците на српската заедница во Косово ги освои партијата Српска листа (СЛ), со вкупно 5,09 отсто од гласовите, а уште десет места им припаѓаат на претставниците на шесте други помали етнички заедници – Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците.