Косовската влада го прифати планот, според кој до 2023 година нема да поднесе барање за членство во меѓународни организации.

На тој начин, Косово нема да бара членство во организациите како што се Советот на Европа, Светската здравствена организација, Светската трговска организација и УНЕСКО. Како што наведува Косово онлајн, владата во Приштина исто така одобри Законодавна програма и список на стратешки документи.

Како што се додава, направени се проекции на извршната политика за следните три години, како и Работен план за 2021 година, во кој се наведени и активности за следните две години.

Владата на Хоти го објасни работниот план за 2021 година, но и следните две години во однос на членството во меѓународните организации.

– Следната година ќе се состави само список на меѓународни институции и организации од особено значење за Косово. Во 2022 година се планира да се подготват апликации и можни апликации за членство во помали организации. Во 2023 година се планира да се аплицира за членство во организации кои имаат голема улога во меѓународното зајакнување на Косово, како што се Советот на Европа, Светската здравствена организација, УНЕСКО и Светската трговска организација – се вели во соопштението на Владата.

Хоти го потпиша договорот од Вашингтон во Белата куќа во септември, со кој се предвидува едногодишен мораториум на апликацијата на Косово за членство во меѓународни организации.