Оваа недела ќе се одбележи 20 години од косовската војна и денот кога НАТО ја почна својата прва голема воена офанзива над српската територија. САД, Велика Британија и другите сили на НАТО 78 дена ја бомбардираа Србија. Ова не беше чисто воена операција. Косовската војна беше последно поглавје во распадот на она што остана од тогашна Југославија. Етничкото албанско мнозинство во покраината се соочуваше со силно угнетување за време на 1990-тите, додека повеќето конститутивни републики на Југославија се отцепуваа со долгогодишни крвави конфликти, како во случајот на Хрватска и на Босна. Иако официјалната политика на лидерите на косовските Албанци беше да нема насилство, сепак зголеменото влијание на вооружените сепаратисти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) доведе до зголемување на нападите врз централните државни органи и врз српското малцинство на Косово.

Како што го правеа тоа во Хрватска и во Босна, западните влади долеваа масло на огнот со тоа што ги поддржуваа сепаратистите, а се прикажуваа себеси како миротворци, пишува во својата анализа Филип Хамонд, професор по медиуми и комуникации на лондонскиот универзитет „Саит бенк“. Лидерите на НАТО беа целосно свесни дека, како што призна на денот на бомбардирањето тогашниот министер за одбрана на Велика Британија, Џорџ Робертсон, дека до почетокот на 1999 година „ОВК била одговорна за повеќе жртви на Косово отколку југословенските власти“. Како што знаеше и НАТО, стратегијата на ОВК беше да предизвика ескалација на конфликтот, токму за да го вовлече и Западот. Еден лидер на косовските Албанци за Би-би-си изјави подоцна дека „колку повеќе цивили беа убивани, толку беа поголеми шансите да следува меѓународна интервенција, а ОВК секако дека беше свесна за ова“, пишува Хамонд.

Па, така, најмоќниот воен сојуз во светот можеше да го претстави својот напад врз малата европска земја како „хуманитарна“ операција. Првично идејата беше дека со бомбардирањето ќе се спречи бегалската криза. Се случи спротивеното: како што се интензивираше конфликтот на Косово, самото бомбардирање доведе токму до овие последици.

Одговорот на НАТО беше да ја засили пропаганда, со тоа што ги осуди Србите за „нацисти“ што извршиле „геноцид“ на Косово. Лидерите на НАТО имаа помош од полтронските медиуми, бидејќи повеќето новинари веќе целосно ја прифатија идејата дека Западот е сила што се бори за „доброто“ наспроти „злото“ во светот по крајот на Студената војна. Ваквата приказна ја слушавме многупати оттогаш, а тоа е дека косовската офанзива на НАТО ја сметаа за наводно успешен модел оние што се залагаа за воена акција против Ирак во 2003-та, во Либија во 2011-та и во Сирија во 2018 година.

Како што се зборуваше, десетици илјадници косовски Срби бегаа од погромите што следуваа веднаш по војната. Илјадници други луѓе го напуштија родното место во наредните години, бидејќи интервенцијата на НАТО не го реши главниот конфликт. Србија сѐ уште тврди дека е надлежна за покраината, но постојаното ниско ниво на насилство, заплашувањата и малтретирањата го оневозможуваат нормалниот живот за косовските Срби и за другите малцинства. Сериозни насилства избувнаа во 2004, 2008, 2009 и 2011 година, се констатира во анализата на Филип Хамонд.
Повоено Косово не е мирно место, покрај тоа што е единственото место во светот каде што можете да сретнете некој што се вика Тони Блер, кој шета по булеварот Бил Клинтон. Сепак, во последниве неколку години Косово беше поплодна почва за извоз на најмногу милитантни џихадисти по жител отколку која било друга држава во Европа. Според извештајот од Програмата за развој на Обединетите нации од 2017 година, над 300 млади мажи од Косово заминаа да ѝ се приклучат на Исламската држава во Сирија, додека други се качија „на врвот на хиерархијата на ИСИС“, а други „извршија напади во Западна Европа и во САД“.

Некои набљудувачи сметаат дека ова се должи на влијанието на исламските добротворни организации што ги финансира Саудиска Арабија, кои беа отворени по војната на Косово, но можеби не беа свесни дека ОВК имаше џихадисти во своите редови. Како што истакна британскиот автор Марк Кертис, западните разузнавачки агенции знаеја за активната соработка на ОВК со Ал Каеда пред војната. Одговорот на владите на НАТО во тоа време беше да им обезбедат оружје и обука.

Многу аналитичари укажуваат дека стагнирањето на економскиот развој е клучен фактор за поттикнувањето и ширењето на екстремизмот, затоа што Косово навистина има најнизок БДП по жител во регионот. Невработеноста е над 30 отсто (околу четири пати повисока од европскиот просек и полоша од онаа на Грција во екот на неодамнешната економска криза), а невработеноста кај младите порасна над 55 отсто. Сепак, многу повеќе луѓе го напуштиле Косово во потрага по работа отколку што се одлучиле да патуваат во странство во потрага по страдање. Наместо директно економско осиромашување, веројатно позначајниот фактор е пошироко чувство на разочарување од реалноста за „независно“ Косово, пишува во анализата на Филип Хамонд, која е објавена на Спаикд.онлајн.