Трошокот предизвикан од корупцијата во Хрватска изнесува 13,5 отсто од БДП, или 8,5 милијарди евра, што е за два и пол пати поголем од годинашниот буџет за покривање на потребите во здравствениот систем. Хрватските пациенти секојдневно се соочуваат со недостиг од двесте лека. Хрватска, според прописите на Европската Унија, се соочува со недостиг од 12.000 медицински сестри. Врз основа на одработените прекувремени часови, кои ги одработиле лекарите специјалисти, пресметано е дека има дефицит од две илјади лекари, од нив најмногу се педијатри, анестезиолози, радиолози, лекари од семејната медицина и гинеколози. Платите на лекарите што се на специјализација првпат во историјата се под државниот просек.

Поради масовно заминување во странство на медицинскиот персонал, во прашање е доведено обезбедувањето на здравствената заштита на граѓаните, предупредуваат од Хрватските струкови синдикати на медицинските сестри и медицински техничари.
Хрватите се лекуваат во вкупно 62 болници, а најновите податоци покажуваат дека долговите на здравствените институции надминале над осум милијарди куни, пишува Дневник. хр.

Истражувањето на Еуростат покажало дека 58 отсто од испитаниците во Хрватска сметаат дека нивото на корупција е зголемено во претходните три години, додека 33 отсто од анкетираните одговориле дека е помало. Околу 95 отсто од Хрватите сметаат дека корупцијата е раширена во земјата, додека 75 отсто се уверени дека корупцијата е дел од деловната култура во државата.