Граѓаните на Западен Балкан ја сметаат корупцијата за најзначаен проблем, додека мнозинството од нив мисли дека е оправдано да се даде мито за да се остварат правата

Доброто управување со државните институции и намалувањето на обемот на корупција во земјите од Западен Балкан е неможно без целосно владеење на правото, јавната одговорност и слободните медиуми. Ова се заклучоците од собирот што се одржа во Њујорк, во заедничка организација на институтот „Харима“, универзитетот „Колумбија“ и на универзитетот „Есекс“ во Велика Британија, на која учествуваа претставници од академската заедница, медиумите и невладините организации од Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и од Македонија.

Како основна тема на собирот беше земена состојбата во Црна Гора, за што беше и прикажан документарниот филм „Свилен пат или свилен гајтан“, во која се посочува на „нетранспарентните работи“ околу изградбата на автопатот Бар – Бољаре, што црногорската држава ја чинеше повеќе од милијарда евра. Притоа беше презентиран податокот за постоење клаузула за плаќање на кинеските инвеститори преку еден вид државна хипотека, со што се предвидува во случај Црна Гора да не успее да го сервисира кинескиот долг во наредните 14 години (годишната рата е околу 66 милиони евра) таа да изгуби дел од својата територија, пишува „Дојче веле“.
Милка Тадиќ-Мијовиќ, новинарка и една од авторите на филмот, изјави дека јавноста во Црна Гора сѐ уште малку знае за паричните трансакции за изградбата на овој скап проект.

– Добро е да се зборува за Балканот, посебно за проблемите со корупцијата и организираниот криминал, кои се најголема пречка за демократизација на регионот. За жал, Балканот одамна не е во фокусот на САД и многу е важно претставниците од регионот да ја информираат американската јавност за околностите во нашите држави – изјави Тадиќ-Миљковиќ за „Дојче веле“.

Во расправата се проговори и за другите примери за изградба на патишта во регионот, но и со американски градежници на Косово. За Босна и Херцеговина беше кажано дека тамошните политичари повеќе од една година не можат да се договорат за формирање на државниот Совет на министри, но затоа пролетта брзо се договорија со кинеските изведувачи за изградба на термоцентралата Блок 7 во Тузла во вредност од над 750 милиони евра, иако имаше силно противење од Европската Унија.
– Лекот за корупцијата во сите земји, па и на Балканот, е „култура на законитоста“ – вели Јована Маровиќ, извршната директорка на мрежата „Политикон“ од Подгорица.
Граѓаните во овој регион, според неа, корупцијата ја сметаат за еден од трите најзначајни проблеми, додека мнозинството од нив мисли дека е оправдано да се даде мито за да се остварат правата. Најновите податоци на Балкански барометар покажуваат дека две третини од граѓаните во Западен Балкан не веруваат во тоа дека законот се применува еднакво за сите.
– Кога политичарите државната работа ја гледаат како одговорност, а не како полигон за богатење, ќе се сменат и воспоставените обрасци на однесување. Проактивната транспарентност во вистинска смисла на зборот не постои на Западен Балкан – нагласува Маровиќ.

На трибината во Њујорк се говореше и за важноста на слободните медиуми на Балканот и нивните тешкотии да ја прикажуваат корупцијата во сите облици, за поврзаноста на криминалците и политичарите, до начинот на кој се рефлектира тоа во новинарството.
Марија Шајкаш, медиумска аналитичарка, вели дека денес е изразито тешко да се биде консумент на медиумското информирање во Западен Балкан.
– За среќа, сѐ уште има нецензурирани медиуми од кои може да се дознае за поткупливоста на политичарите и нивната поврзаност со мафијата. Државите во кои коруптивните елементи се сѐ позастапени, таквите информации се обидуваат да бидат стопирани, или, како во случајот со Србија, да се релативизираат, задушат или да се прогласат за лажни вести – објаснува Шајкаш за „Дојче веле“.
Учесниците во расправата се согласија дека одговорноста на Европската Унија и на САД е огромна, за да не се повтори историјата на Балканот, кој претставува постојана закана за безбедноста во Европа.