Македонија и Албанија се единствените држави во кои притисокот од корупција се намалил, иако незначително

Најголема грижа за идната транзиција и за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, претставува податокот, според кој, 70 отсто од жителите на Западен Балкан не веруваат оти корупцијата може да се намали во значителна мера

Колкумина од жителите на Западен Балкан се нашле под притисок да дадат мито, биле вклучени во ситна корупција, без разлика дали ја гледаат корупцијата како прифатлив облик на однесување и дали веруваат во политиките за нејзино искоренување од секојдневниот живот. Овие прашања се одговорени во истражувањето „Системот за набљудување на корупцијата“, спроведено минатата година од членовите на Мрежата на граѓански организации за борба против корупцијата на Југоисточна Европа (СЕЛДИ). Во истражувањето учествуваа најмалку илјада испитаници од Албанија, БиХ, Црна Гора, Македонија, Косово и од Србија, пренесува порталот „Јуропиан вестерн балканс“.

Недостатоците во правната, институционалната и стратегиската рамка, неефективното судство и недостигот од политичка волја за борба против корупцијата, се распространети низ регионот, односно овие карактеристики се забележани во Западен Балкан од страна на Европската Унија, како и од голем број експерти и организации.
Како што покажува истражувањето, притисокот од корупцијата дефиниран преку „барањето мито во облик на пари, услуга или подарок“ бил искусен од 37 отсто од жителите на Западен Балкан, наспроти 26-те отсто, според резултатите од 2016 година. За секој трети жител корупцијата е прифатливо однесување, а исто така, секој трети жител дал мито во некаков облик.

Најголема грижа за идната транзиција и за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, претставува податокот, според кој, 70 отсто од жителите на Западен Балкан не веруваат оти корупцијата може да се намали во значителна мера.

Директорот на Економската програма на Центарот за студии на демократија/СЕЛДИ, Руслан Стефанов, посочува дека наспроти целокупната негативна клима во регионот и отсуството на надворешен притисок за реформирање, Македонија и Албанија се единствените држави во кои притисокот од корупција се намалил, иако незначително.

Притисокот од корупцијата врз жителите на Западен Балкан се зголеми во значителна мера од 33 отсто во 2016 година на 55 отсто во 2019 година. Исто така, БиХ е на врвот на негативната листа кога станува збор за уделот на населението опфатено од корупција (48,2 отсто) и според прифаќањето на корупцијата, заедно со Македонија (41 отсто).

Македонија не може да биде претставена како „светол пример“, и покрај тоа што нејзините жители, заедно со оние од Албанија искусиле намалување на притисокот од корупцијата, се вели во истражувањето. Околу 84 отсто од жителите на Македонија уште веруваат дека е голема веројатноста оти ќе се најдат под притисок да дадат мито, а 41 отсто прифаќаат разни облици на коруптивно однесување, додека 69 отсто не веруваат дека корупцијата би можела да се намали во голема мера.

Додека Западен Балкан чека на ЕУ да ги исполни ветувањата и да ги награди кандидатите што забележаа напредок, како и да ги казни оние што назадуваа, тие и натаму ќе се соочуваат со притисок за мито на секој чекор и главно ќе ја гледаат корупцијата за вообичаена практика, не само во политиката и во бизнисот туку и во секојдневниот живот, се заклучува во анализата.