Владата на премиерот Албин Курти не го преживеа гласањето во косовскиот парламент во ек на пандемијата на коронавирусот.

Косовското собрание гласаше против косовската влада, конкретно за недоверба гласаа 82 пратеника , 32 беа „против“, а еден гласаше воздржано.

Иницијативата за недоверба е поднесена од Демократскиот сојуз на Косово, кој беше коалициски партнер во Владата.

Разрешување на Владата се бараше поради неукинување на данокот на стока од Србија и БиХ што е поврзано наводно со нарушување на односите со САД, како и отстранување на Агим Велиу од функцијата министер за внатрешни работи, по спорот околу тоа дали да се прогласи вонредна состојба за борба против коронавирусот.

Велиу ги поддржа повиците на косовскиот претседател Хашим Тачи за вонредна состојба, додека Курти ваквата мерка ја оцени како драстична и го отповика министерот Велиу.