Од есенскиот бран на ширење на коронавирусот се најпогодени Србија, Хрватска и Словенија. Светската здравствена организација информира дека зголемувањето на бројот на новозаразени е во земјите од Источна Европа, во кои процентот на вакцинацијата на населението е помал во однос на земјите од Западна Европа

Земјите од Балканот ги заоструваат мерките за заштита од ширењето на коронавирусот. Србија, Хрватска и Словенија бележат зголемен дневен просек на новозаболени лица. Во некои од земјите се регистрирани и првите случаи на болни од новиот сој на коронавирусот, делта плус, кој е лесно пренослив и ги погодува и помладите старосни групи на населението. Како најризични категории, од здравствените служби се посочуваат невакцинираните граѓани, поради што и голем дел мерки се насочени кон поттикнувањето помасовна вакцинација кај граѓаните. Светската здравствена организација информира дека зголемувањето на бројот на новозаразени е во земјите од Источна Европа, во кои процентот на вакцинацијата на населението е помал во однос на земјите од Западна Европа.

Србија

Во Србија првпат беше регистриран и сојот делта плус, што претставува полоша форма на вирусот. Тој полесно се врзува за клетките на белите дробови и поотпорен е на терапија. Првичните симптоми што засега се забележани се сувост на очите, чешање, отежнато дишење, треска и висока температура, силна кашлица, дигестивни проблеми, како и губење на апетитот. Српските епидемиолози предупредуваат дека бројот на новозаболени може да биде и доста поголем, поради асимптоматските случаи, но дека засега системот на следење на состојбата во училиштата добро функционира.
Директорот на кризниот штаб на Србија, Предраг Кон, предупреди на драматичната ковид-состојба во земјата и на спуштањето на старосната граница на новозаболените лица. Тој објави дека 20 отсто од новозаразените се, всушност, деца на предучилишна и училишна возраст. Како причина за ширењето на вирусот меѓу помладата популација тој ги наведе домашните прослави и забавите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, викендот изјави дека презема дел од вината што државата, како што рече, навреме не ги донела најпаметните решенија во борбата против епидемијата.
– Можевме да направиме, без да биде спротивно на Уставот, бесплатно да ги лекуваме вакцинираните, а невакцинираните исто така да ги лекуваме бесплатно, но само до висината на платените здравствени придонеси на годишно ниво, а остатокот да се плаќа. Тоа би било апсолутно фер. За жал, не се сетив навреме, не се сетив на тоа или премногу верувавме во совеста и одговорноста на народот. Тоа сега пропадна и повеќе не може да се спроведува – изјави Вучиќ.

Грција

Здравствените власти во Грција ги заострија мерките што се однесуваат на невакцинираните лица. Од саботата на невакцинираните граѓани во Грција допуштено им е да посетат јавни институции само ако имаат негативен тест. Ова се однесува и на посетата на државните институции. Исклучок се само маркетите и аптеките. Дополнително, невакцинираните работници мора да покажуваат два негативни теста неделно.
Владата распредели дополнителни 8.000 полицајци за да може да се спроведуваат и да се контролираат овие мерки. Полицајците издале стотици казни, а неколку ресторани привремено се затворени. На невакцинираните гости без тест им се наплаќани казни од 300 евра. Ова предизвика зголемен интерес за вакцинација, а нивниот број последната недела е дуплиран. Во првата недела од ноември повеќе од 40.000 луѓе примиле прва доза вакцина против коронавирус, според извештајот што го пренесува весникот „Катимерини“.

Словенија

Во Словенија стапија во сила голем број нови ограничувања поврзани со ковид-19, за да се спречи континуираното ширење на инфекцијата.
Мерките за забрана на собири и полицискиот час во баровите и рестораните се повторно воведени, бидејќи ноќните клубови се затвораат, а важењето на пропусниците за ковид се проширува на лица постари од 12 години, објави словенечката агенција СТА. Заедно со сертификатот за ДСП за прележал ковид, вакциниран или тестиран, лицето ќе треба да покаже и валиден личен документ за докажување на својот идентитет.
Носењето на платнените маски повеќе не се смета за соодветно. Собирите се исто така привремено забранети, освен за членовите на блиското семејство и членовите од исто домаќинство. Пропусниците за ковид, маските и социјалната дистанца од најмалку 1,5 метар се исто така задолжителни за верските собири.
На вработените во државната администрација на работните места за кои е можно ќе им биде наредено да работат од дома, а истото тоа се препорачува и за вработените во јавните служби, институциите и фирмите и месните заедници.
Најновите ограничувања се воведуваат бидејќи седумдневниот просек на дневни случаи во Словенија се искачи на 2.858, а 14-дневната инциденца на 100.000 население се искачи на 1.707, со речиси 800 пациенти со коронавирус што се лекуваат во болниците.

Бугарија

Според последните податоци на Единствениот информативен портал на Бугарија, во последните 24 часа има 2.826 новозаразени лица со коронавирус, или вкупно 112.651 активен случај. Во Бугарија се зголемува бројот на лица во болниците и одделенијата за интензивна нега. Изминатите 24 часа се направени 46.388 теста. Процентот на позитивни е 6,1 отсто. Според податоците на здравствените власти, 86,38 отсто од заразените не биле вакцинирани.
Математичарот Николај Витанов предвидува дека за време на парламентарните и претседателските избори во Бугарија, на 14 ноември, ќе има зголемување на бројот на активни и смртни случаи од коронавирус. Тогаш, според неговите прогнози, ќе има ек и кај смртноста и кај активните случаи.

Хрватска

Во Хрватска вчера се регистрирани 1.242 нови случаи, а починале 45 лица. Уделот на новозаразените меѓу тестираните лица изнесува 33,54 отсто. Во деновите за викендот во Хрватска починале сто лица, како последица на коронавирусот.