По барање на Судот за тешки кривични дела, на две лица од албанскиот град Лежа им е запленет имот во вредност од пет милиони евра. Според полицијата, станува збир за банкарски сметки, движен и недвижен имот во сопственост на Арјан Ндоци и Јулиан Деблини, и нивните семејства.

– Ндоци (41) и Деблини (31) на 30 април 2018 година беа уапсени од шпанската полиција во соработка со американската ДЕА и Европол, заедно со други членови на криминална група која вршела недозволена трговија на дрога од Латинска Америка кон Европа. Во акцијата запленети беа еден тон кокаин, пет луксузни автомобили, фалсификувани регистарски таблички и повеќе парчиња оружје, а одземени се и 1,55 милиони евра – изјави Едуард Меркај, прв човек на Управата за криминална полиција на заедничката прес конференција со обвинителот за тешки кривилни дела Владимир Мара.

Според Меркај, двајцата Албанци парите кои ги „заработувале“ од меѓународна трговија со дрога ги инвестирале главно во Тирана.

– Од истрагата е потврдено дека добиените пари од криминалната активност надвор од земјата тие ги инвестирале во движен и недвижен имот, ги ставале на банкарски сметки на нивно и на име на членови од семејствата, а во одредени случаи ги прикривале на име на нивни блиски роднини и пријатели. Поконкретно инвестирале, во неколку градови во Албанија, но главно во Тирана, посочи Меркај.

Освен банкарските сметки, запленети се и акциите на трговско претпријатие кое вршело градежна активност, една станбена зграда, осум станови со вкупна површина од 905 квадратни метри, два дуќани, четири гаражи, три луксузни автомобили и друг имот.

Обвинителот Мара изјави дека истрагата продолжува со цел отркивање на нивни соработници кои биле вклучени во трговија со дрога во други европски земји,пред сè во Италија, но и во земји каде што двајцата Албанци биле „економски активни“.

Инаку, запленетиот кокаин во Шпанија од Колумбија пристигнал со чартер лет пакуван во 790 пакетчиња, обележани со логото CR7, кое го користи познатата фудбалска ѕвезда на Реал Мадрид Кристијано Роландо.