Повеќе од 45 возила на КФОР влегоа на северот на Косово и се движат во колона кон Лепосавиќ.

Покрај борбените возила, носат и опрема за блокади и правење на пречки, како градежни машини, багери и жица.

Од командата на КФОР во Приштина соопштија дека неколку десетици оклопни и транспортни возила тргнале утрово кон базата на КФОР во Лепосавиќ и дека станува збор за „редовна активност што се случува во согласност со проценката на безбедносната ситуација“.

КФОР на социјалните мрежи соопшти дека спроведува редовна обука за да биде подготвен за брзо распоредување низ цело Косово во согласност со Резолуцијата 1244 на СБ на ОН.

– Конвоите вчера тргнаа кон Призрен, а денеска кон северот на Косово – пишува на твитер профилот на КФОР.

Командантот на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, вчера рече дека формирањето на војската е нешто за што „суверено одлучува“ Приштина.

Во тој контекст, присуството на КФОР на северот, посебно составот и опремата на возилата, укажува на стравување од можна реакција на Србија.