Жените на возраст над 65 години и оние што стапуваат во брак многу порано се најризични категории што се соочуваат со насилство од најразличен облик од партнерите или од најблиските во нивната околина

Истражување на Црвениот крст на Србија и Црвениот крст на Австрија

Претходната година секоја шеста жена постара од 65 години била жртва на малтретирање. Повеќе од половината жени во Србија биле изложени на некаков облик на насилство во текот на животот, покажува најновото истражувања на Црвениот крст на Србија и на Црвениот крст на Австрија, кое е насловено „На ничија земја“, а беше посветено на родово засновано насилство кон старите жени во Србија.
Студијата, која е дел од проектот „Зацврстување на старите жени: превенција од насилството со менување на општествените норми во Србија“, е работена врз примерок од 2.006 жени, на возраст од 18 до 74 години. Во неа се предупредува дека на насилството од партнерот најмногу се изложени жените на село, како и тие што живеат во Војводина, а најниска стапка на насилство има во јужна и источна Србија. Сиромаштијата го зголемува ризикот од насилство, а меѓу жените од понискиот социјално-економскиот статус, дури 46 отсто се соочиле со некаков облик на насилство од партнерот во текот на животот. Околу 12 отсто од материјално ситуираните жени се соочиле со насилство во семејството. Раниот брак исто така ги зголемува ризикот од насилство. Дури 41 отсто од жените што се омажиле пред полнолетството претрпеле насилство од партнерот, пишува „Политика“.

– Целта на ова истражување беше да откриеме колку од жените во текот на животот биле изложени на родово засновано насилство. Посебен фокус беа постарите лица и затоа поголем број од жените во анкетниот примерок беа жени на возраст од 65 до 74 години. Партнерското насилство е најприсутно кај постарите жени. Околу 40 отсто од нив доживеале некаков облик на насилство од сегашниот или поранешен партнер од својата 15-годишна возраст. Жените биле изложени на насилство и од лица што не се нивни партнери. Најтешките облици на непартнерски малтретирања на жените се физички закани, шлаканици, туркање и обид за присилен сексуален однос. Најчести сторители се пријатели, познаници, членови на фамилијата или поблиски роднини и колеги на работа – вели Наташа Тодоровиќ од Црвениот крст на Србија.

Претставничката за заштита на рамноправноста Бранкица Јанковиќ вели дека, според податоците на Републичкиот завод за социјална заштита, бројот на пријави за насилство на постари граѓани во 2019 година порасна за речиси 80 отсто во однос на 2015 година. Околу 73 отсто од пријавите ги поднесуваат жените, што укажува дека станува збор за родово засновано насилство. Загрижува порастот на сексуалното насилство над старите лица. Во 2015 година имало 14 пријави, додека во 2019 биле забележени 36 пријави.
– Една од причините за зголемен ризик од насилство над старите жени во однос на старите мажи се воспоставените обрасци на однесување и родовите разлики во текот на целиот живот, а не само во староста. Поради тоа е потребно да се преземаат различни мерки за охрабрување на целокупното општество и да се посвети внимание за специфичноста на старите жени, тие да ги препознаат ризиците дека станува збор за насилство и да не молчат за тоа – заклучува Бранкица Јанковиќ.