По средбата со Александар Вучиќ, следуваа критики дека Китаровиќ се откажала од користењето на терминот „великосрпска агресија“

Претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, изјави дека поздравот „за дом спремни“ не бил историски поздрав и дека тој е компромитиран и неприфатлив

Пред четвртата годишнина од стапувањето на должноста претседателка на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, се одлучи за голем пресврт во своето политичко дејствување. На последната прес-конференцијата таа даде одговор за тоа дали останува на ставот дека „за дом спремни“ е стар хрватски поздрав. Дали со овој настап таа си ја одреди својата политичка иднина? Односно дали ова ќе и биде последна година од мандатот или тоа е најава за кандидатура за втор претседателски мандат, со или без поддршката на ХДЗ, засега е нејасно. Но, како што констатира „Вечерњи лист“, според концептот на нејзиното последно јавно обраќање, произлегува дека одлуката за кандидатурата за следните претседателски избори во Хрватска е веќе донесена.

– Направив грешка кога реков дека тоа е историски хрватски поздрав, бидејќи тоа повеќепати ми беше кажано од некој од моите советници. Го прифаќам фактот дека тоа не е историски хрватски поздрав – изјави Грабар-Китаровиќ.

Таа нагласи дека поентата на нејзината изјава ни тогаш не била дека тоа е стар хрватски поздрав, туку дека тој поздрав е компромитиран и неприфатлив.

Новинарите веднаш идентификуваа кој е тој советник на претседателката. Тие посочија на Мати Радељиќ, нејзиниот доскорашен советник за внатрешна политика, кој по смената отвори вербална војна со Колинда Грабар-Китаровиќ.

– Жал ми е што го слушам ова. Произлегува дека претседателката била некаква марионета на своите советници. Таа по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ ми рече дека повеќе не сака да ја користи синтагмата „великосрпска агресија“ – изјави Радељиќ.

По дополнителната проверка на содржината на говорите на хрватската претседателка, новинарите откриле дека таа и натаму ја користела оваа синтагма. Китаровиќ за „големосрпската окупација“ говорела и минатата година, при посетата на Сисак, како и на одбележувањето на Денот на исчезнатите лица во Карловац.

Претседателката на Хрватска се коригира и за уште една своја изјава, која се однесуваше за Зоран Ерцег, кој беше осуден затоа што извикуваше дека Фрањо Туѓман е воен злосторник. Претходно таа изјавувала дека Ерцег „слободата на говор можел да ја изрази на друг начин“, додека на последната прес-конференција, која се одржа викендот, објасни дека погрешно ја разбрала оваа пресуда.

– Јас бескрајно го почитувам претседателот Туѓман. Но дозволувам дека во Хрватска има и луѓе што не го делат моето мислење и тие имаат право на слобода на говор и на мислење. Затоа, тие не треба да бидат санкционирани – порача Колинда Грабар-Китаровиќ.

Со ваквите изјави хрватската претседателка дополнително го потврди својот став да се дистанцира од десницата, но, сепак, не очекува дека гласачите би ја казниле за тоа на следните претседателски избори, особено што повеќе не упатува остри критики на адреса на владата на Андреј Пленковиќ, предводена од партијата ХДЗ. Судирите со Владата таа ги припишува на погрешното толкување на нејзините изјави од страна на медиумите. За обвинувањата за работата на актуелната власт вели дека тоа биле конструктивни критики, со желба министрите да работат подобро за доброто на хрватските граѓани.

Односите меѓу Владата на Хрватска и претседателскиот кабинет се во нагорна линија, а тоа се покажа и на конференцијата во Минхен, каде што премиерот Пленковиќ истакна дека за Хрватска е важно да се развива соработката на земјите меѓу Балтикот, Црно Море и Јадранско Море. Ова е платформа што ја застапуваше Грабар-Китаровиќ, додека власта беше воздржана во однос на ова прашање. Од премиерскиот кабинет дополнително објаснија дека Пленковиќ во својот говор во Германија не сакал да ја преземе иницијативата што беше промовирана од претседателката, пишува „Вечерњи лист“.

Медиумите во Хрватска ја пренесуваат изјавата на премиерот Пленковиќ за тоа дека тој верува дека ХДЗ ќе ја поддржи Колинда Грабар-Китаровиќ за втор претседателски мандат, откако таа ќе се изјасни јасно за својата одлука во врска со кандидатурата.
Политичкиот аналитичар Тихомир Ципек за дневникот на Нова ТВ, во изјавата на претседателката за најновиот став околу поздравот што бил користен во Втората светска војна од припадниците на усташките организации, вели дека е добро што се признаваат грешките.

– Не е добро што претседателката го следи секој советник. Таа мора самостојно да носи одлуки. Добро е што ја признава грешката, а тоа значи дека таа се враќа кон центарот – вели Ципек.