Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ најави дека ќе влезе во трката за втор мандат на претстојните избори во Хрватска.

Хрватски медиуми информираат дека нејзината кандидатура уште не е официјално објавена бидејќи таа сака да се фокусира на државните обврски.

Колинда, наводно, планирала својата кандидатура да ја објави по одбележувањето на годишнината од воено-полициската акција „Олуја“ на 5 август, бидејќи, како што појаснила, било рано, а и не сакала да ги меша државните обврски со изборната кампања.

Досега своја кандидатура за претседател ја објавија некогашниот премиер Зоран Милановиќ, пејачот Мирослав Шкоро, Иван Пернар и европскиот пратеник Мирослав Колакушиќ, а изборите ќе се одржат кон крајот на годината.


Санадер испратен во затвор

Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер беше упатен во Центарот за дијагностика на затворот „Реметинец“, кој ќе одлучи каде ќе ја отслужува правосилната шестгодишна казна затвор за аферата, за што ќе мора и да ги исплати незаконски стекнатите 2,3 милиони евра.
– Санадер е испратен во Центарот за дијагностика, каде што во следниот месец ќе се одреди каде ќе ја отслужи затворската казна – изјави портпаролот на загрепскиот Жупански суд, Крешимир Девчиќ.
Со тоа Санадер и формално треба да почне со издржување на казната поради аферата „Планинска“, бидејќи решението за упатување на издржување на казната стана правосилно.
Освен затвор, Санадер го очекува и извршување, бидејќи 15 дена по правосилноста на пресудата, во државниот буџет не уплатил 2,3 милиони евра колку што, според пресудата, примил мито од Стјепан Филиќ откако зградата на неговата компанија го купи министерството на чие чело беше Петар Чобанковиќ.