ГРЦИЈА

До следното лето Грција ќе го постигне посакуваниот имунитет на населението против епидемијата на коронавирусот. Вакцината секако е важна станица, бидејќи постепено до летото ќе го постигнеме посакуваниот имунитет кај населението, објави министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, во неговата колумна за весникот „Риал њуз“.
– Во вториот бран од пандемијата, со големата раширеност на коронавирусот меѓу граѓаните, со последиците што ги има врз сите, индивидуално и колективно, и со огромниот притисок врз националниот здравствен систем, се тестира нашата национална издржливост – изјави тој.
Тој ги повика граѓаните на Грција да ги почитуваат превентивните мерки. Според планот на грчката влада, кога вакцината ќе биде достапна ќе има можност да се вакцинираат 2,1 милиони месечно во 1.018 специјално формирани центри во земјата.