Грчката влада ги објаснува овие измени како начин да се пресмета со криминалните активности на универзитетите, но студентите и професорите стравуваат од укинување на нивните права и слободи

Група грчки студенти продолжија со протестите пред ректоратот на Аристотеловиот универзитет, поради законските измени во високото образование, со кои во студентските кампуси може да присуствува полицијата. Грчката влада ги објаснува овие измени како начин да се пресмета со криминалните активности на универзитетите. Но студентите и професорите сметаат дека зад овие измени стојат други мотиви. Студентите стравуваат од укинување на нивните права и слободи. Со законските измени се предвидува формирање приватна служба за обезбедување што ќе ја плаќа полицијата. Оваа служба ќе биде одговорна пред управата на универзитетот. Обезбедувачите нема да носат оружје. Тие ќе можат да претресуваат луѓе, да ги приведуваат и испрашуваат. Ова се надлежности што не им припаѓаат на компаниите за обезбедување, пишува „Дојче веле“.
– Стравувам од воената диктатура што се вселува на универзитетите заедно со полицијата. Тоа не е во согласност со слободарските основи на дијалогот и критичкото размислување. Полицијата повеќе се поврзува со репресија – вели Фотини Цибириду, професорка на Македонскиот универзитет во Солун, во разговор за „Дојче веле“.
Теодорос Калицис, кој е претседател на солунскиот разгранок на партијата Нова демократија, се залага Солун да стане културен и научен центар на Балканот, но за тоа е потребна, како што вели тој, поголема безбедност.

– Задачата на полицијата е да им помогне на универзитетите за да се обезбеди сигурност за студентите и професорите – вели Калицис.
Новите законски измени за работата на универзитетите беа проследени и со приказните за кражба на опрема од универзитетите за производство на дрога, како и за политичкото насилство на радикалните левичарски групи, кое го има често во Грција. Во еден инцидент лани, левоориентираните студенти го нападнале деканот на Економскиот факултет во Атина и го принудиле да носи натпис со кој се изразува солидарност со левичарите што зазеле некои куќи во Атина и во Солун, потсетува „Дојче веле“.
Сегашната грчка влада им ги намали буџетите на универзитетите за 23 отсто, кои се однесуваат за издатоци за материјали и услуги и покрај тоа што грчките високообразовни институции се хронично лошо опремени.
Опозицијата немаше доволно време да изнесе контрааргументи за присуството на полицијата на универзитетите. Ангелис Касканис, политички аналитичар за прашања од безбедноста, смета дека постои одреден потенцијал за конфликти.
– Се плашам дека тоа ќе доведе до континуиран судир меѓу полицијата и студентите, до некој вид урбана војна. Никој од двете страни не е подготвен за отстапки – вели Касканис.