Поранешниот американски претседател Бил Клинтон вчера во Приштина изјави дека се чувствува почитуван, дека Косово е пример за демократија и заслужува членство во ЕУ и во НАТО.

– Мислам дека целиот свет може да го земе Косово како пример за тоа како растеше и како живее во мир со своите соседи. Косово заслужува да биде во ЕУ и НАТО. Секогаш ќе бидам горд што бев претседател на САД кога ви беше потребен некој кој ќе стане и ќе каже: нема повеќе етничко чистење, нема повеќе напуштање на татковината и убивање невини цивили, мора да постои подобар начин – рече Клинтон.

Тој е во Косово по повод 20-годишнината од влегувањето на меѓународните мировни сили во покраината. Клинтон вчера се сретна со косовскиот претседател Хашим Тачи и со премиерот Рамуш Харадинај.

Тачи го одликува поранешниот претседател на САД со Орден на слободата и рече дека Клинтон е симбол на довербата, оптимизмот и надеж за граѓаните на Косово.

Тој рече дека Клинтон го обединил светот против неправдата и дека тој бил најупорниот политичар за обезбедување на слободата на Косово.

– Со длабока почит се поклонуваме пред вас за слободата на Косово. Им се заблагодаруваме на САД кои ја водеа кампањата за запирање на етничкото чистење и враќање на косовските граѓани во нивните домови, кампања за изградба на нов живот и мир за сите – рече Тачи.