Натамошните прогнози за движење на цените на храната на глобалниот пазар зависат од нивото на резервите на пченица, пченка и соја во САД, но и во Европската Унија, која сѐ уште ги користи резервите на житни култури

Храната може драстично да поскапи поради зголемување на цената на житото, пченката и пченицата, што ќе предизвика дополнителен удар на граѓаните од Балканскиот Регион. Последиците од ковид-кризата донесоа нови трендови на глобалните пазари, кои влијаеја на растот на цените на пченицата. Според податоците на Пазарниот информативен систем, во земјоделството на Хрватска, цената на пченицата на ниво на Европската Унија во мај лани беше 187,64 евра за тон, а годинава во истиот месец изнесува 222,06 евра. Во Хрватска во овој период вредноста на оваа житна култура порасна од 163,99 на 199,29 евра за тон. Цената на пченката во истиот период во ЕУ порасна од 165,64 на 241,55 евра, а во Хрватска од 143,06 на 196,54 евра за тон.
Наспроти високите цени на сточната храна, хрватските сточари се соочуваат и со конкуренцијата од увозното месо, млеко и месни преработки, што дополнително ја влошува финансиската состојба на земјоделските субјекти. Моментална состојба наметнува потреба од интервенција од Владата на Република Хрватска, предупредуваат од Хрватската комора за земјоделство.
– Во 2021 година доаѓа до голем раст на цените на житните и на маслодајните растенија и тоа ќе има и негативен ефект на растот на цените на сточната храна, додека концентратите имаат иста цена. Така, храната за стоката станува значително поскапа – вели земјоделската консултантка Звјездана Блажиќ, за „Слободна Далмација“.
Натамошните прогнози за движење на цените на глобалниот пазар на храна зависат од нивото на резервите на пченица, пченка и соја во САД, како и од очекувањата за годинашната жетва на глобално ниво, која за сезоната 2021/2021 се проценува на рекордни приноси од 2.224 милијарди тони. Освен американските резерви, значаен фактор е и силата на кинескиот увоз, кој влијае на светското ниво на цени. Секторот за одгледување свињи во Кина заздравува, но има нови случаи на свинска чума, што може да го намали производството на свинско месо.
Покрај глобалните ризици, хрватските земјоделци се изложени и на силни климатски промени. Годинава поради специфичните временски услови, вегетацијата на земјоделските култури доцнеше во однос на претходните години. Поради сушите се очекува значителен пад на приносите во споредба со претходните две години, кои беа рекордни. Ова значи дека растот на цената на житните растенија неминовно ќе доведе и до пораст на глобалните цени на месото и месните производи и на млечните производи. Засега сѐ уште нема промени на цените, поради претходните вишоци во ЕУ.

Во незавидна економска состојба се и македонските производители на пченица, кои едвај преживуваат, бидејќи не постои систем на гарантиран откуп и навремена исплата, ниту планска сеидба или договорно производство. Како што велат надлежните од Национална федерација на фармери (НФФ), пченицата е единствениот производ во нашата држава што има стратегиско значење, кое е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој.
Пченицата во Македонија не се користи само за производство на брашно и леб туку и за многу други преработки во индустријата за храна, па секоја година увезуваме пченица, најчесто од земјите од регионот. Во последните 19 години, производството е опаднато за просечни 20 отсто, а од најголемиот подем во 2004 година со 356.825 тони до 200.112 тони во 2017 година разликата е 44 отсто – истакнуваат од федерацијата.
Тие сметаат дека ова е огромен пад, без разлика на климатските услови, и покажува дека земјоделците немаат интерес и можност за поголеми инвестиции, цените и понатаму се многу ниски.
Македонските земјоделци и годинава се соочуваат со проблеми поради пониските откупни цени од домашните мелничари, кои деновиве се пожалија за неисплатата на два денара од државата за земјоделците за да се дополни разликата во цена. Тие излегоа со став дека тие ќе вршат откуп по 8,5 до 10,5 денари во зависно од квалитетот на пченицата.

Министерот за земјоделство ги отфрли барањата на мелничарите за дополнување на разликата од два денара и смета дека потегот на мелничарите со вакви ниски цени да почнат откуп е уцена.
Производните цени на земјоделските производи во Србија кон крајот на 2020 година беа повисоки за 11 отсто во однос на 2019 година. Најголемо влијание на порастот на цените на пазарот на храна имаше поскапувањето на пченицата за 21,1 отсто и на индустриските растенија за 12,6 отсто. Цените на житните растенија драстично поскапеа на светскиот пазар поради пандемијата на коронавирусот. Иако на почетокот на годината имаше стабилизирање на пазарот, сепак цените сѐ уште зависат од дневните варијации на берзите. На неконкурентност на домашната пченица предупредија и српските земјоделски здруженија, кои се соочуваат и со пониска цена на увозните суровини за преработка на месо и месни производи, пишува „Политика“.