Опциите за изградба на автопатот во три фази се многу ограничени и се размислува за јавно-приватно партнерство со кинеската компанија

Изградбата на 165 километри долгиот автопатот заради современо сообраќајно поврзување на пристаништето Бар со Србија може да ја загрози финансиската стабилност на Црна Гора. Кинескиот кредит за изградбата на првата фаза од автопатот го зголеми финансискиот долг на земјата и ја присили Владата да ги зголеми даноците, делумно да ги замрзне платите во јавниот сектор и да ги укине бенефициите на мајките за да ги стабилизираат финансиските обврски. Наспроти сите мерки, годинава се очекува долгот на Црна Гора да достигне до 80 отсто од бруто-домашниот производ, а од Меѓународниот монетарен фонд препорачуваат дека земјата не може да си дозволи ново задолжување за да го заврши својот амбициозен проект, пишува „Ал џезира“, повикувајќи се на информации на новинарските агенции.

Досега се изградени масивни бетонски столбови што се надвиснуваат над црногорскиот кањон на реката Морача, а на нивна градба учествуваат кинески стручњаци, кои го пробиваат патот низ еден од најнепристапните терени во Јужна Европа, преку пробивање долги тунели.
– Се поставува големо прашање на кој начин ќе се заврши овој проект. Нивниот фискален простор најверојатно е намален. Ако продолжат вака, ќе се удават. Овој автопат не води кон ништо – вели еден функционер на Европската Унија, кој сака да остане анонимен.
Автопатот се најде во центарот на интензивна дебата за кинеското влијание во Европа, еднакво во сите земји од Западен Балкан што сакаат да пристапат кон ЕУ, во кои се Црна Гора, Србија, Македонија и Албанија.
Црна Гора е прва држава во Европа што се најде во ваква ситуација, и тоа во време кога тамошната влада се најде под притисок поради промовирањето на автопатот како начин на придвижување на земјата кон подобра иднина.
– Овој автопат е голема работа за Црна Гора. Потсетува на времето на Југославија и Јосип Броз-Тито, кога се градеа големи социјалистички проекти во регионот. Тоа е замка. Сега, кога проектот е почнат, не може да се прекине, без разлика на големината на штетите – вели Младен Гргиќ, авторот на студијата за автопатот од 2017 година.

Идејата на градбата за автопатот од Србија до Бар датира од 2005 година, пред изгласувањето независност на Црна Гора. Главен заговорник за него бил Мило Ѓукановиќ, кој е на претседателската и премиерската функција непрекинато од 1991 година.
Владата се надева дека автопатот ќе придонесе за економски пораст на неразвиените делови на северна ЦГ, ќе ја поттикне трговијата со Србија и ќе ја подобри безбедноста на патиштата. Поради ограничените финансиски можности, опциите за изградба на автопатот во три фази се многу ограничени. Како можна алтернатива се разгледува прифаќањето на моделот на јавно-приватно партнерство, за што надворешниот партнер ќе го изгради и раководи со автопатот со договор за концесија на 30 години. Кинеската компанија за изградба на патишта и мостови, која е во државна сопственост, учествува во првата фаза од овој проект. Таа во март годинава потпиша меморандум за разбирање и искажа желба овој проект целосно да го заврши врз основа на јавно-приватно партнерство.