Пекинг веќе ја дефинира натамошната економска соработка со земјите од Западен Балкан, а подготвеност за поголемо економско поврзување со кинеските компании беше искажана и од лидерите на земјите од регионот

Балканот останува порта и главна врска на кинеските компании на „Патот на свилата“, кој треба да го отвори и патот за извоз во Европа. Опкружен со членките на Европската Унија, овој регион за Кина претставува отворено поле за кинеските инвестиции и извоз на производи и услуги, кои стануваат сѐ поголеми. Од 2007 до 2017 година Кина вложила најмалку 6,2 милијарди евра во железничкиот сообраќај, енергетиката и изградбата на патишта на Западен Балкан.
– Обемот на трговската размена со 17 земји од Централна и Источна Европа достигна 103 милијарди долари во 2020 година – изјави кинескиот претседател Си Џинпинг при отворањето на самитот „17 плус 1“, кој се одржа неделава, на кој беше дефинирана натамошната соработка меѓу Кина и земјите од централноисточниот регион на Европа.
Регионалните лидери, кои учествуваа на самитот преку конференциска видеоврска, не го криеја задоволството од соработката со кинеските компании. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека станува збор за „воспоставување нова развојна парадигма со која се олеснува глобалната соработка во борбата против пандемијата од коронавирусот“. Тој потсети на кинеските директни инвестиции во земјите од Централна и Источна Европа, кои до 2020-та достигнаа 3,14 милијарди долари, а инвестициите на овие земји во Кина достигнале 1,72 милијарда долари.
– Кина се наоѓа на третото место во стоковната размена на Србија со светот, во износ од 3,7 милијарди долари. Во последните пет години нашиот извоз во Кина се зголеми за петпати – нагласи Вучиќ, пренесува Радио Слободна Европа.

Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, соработката со Кина ја означи како „отворен, координиран и иновативен пристап за надминување на тешкотиите со кои се соочуваат земјите од регионот“. Од посебно значење ги истакна кинеските инвестиции во инфраструктурни проекти во БиХ, како што се проектите во термоцентралата „Станари“, почетокот на изградбата на блокот седум во ТЕ „Тузла“, изградбата на хидроцентралите „Улог“ и „Дабар“. Од сообраќајот, позначаен зафат е помошта во подготовката за изградба на автопатот Бања Лука – Приедор. Подготвеност за поголема соработка со Кина искажа и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, иако Црна Гора се приближува кон целосна интеграција со Европската Унија.
– Црна Гора сака низ можностите што го нуди механизмот 17+1 да ја направи попрактична соработката со НР Кина. Сакаме да ја засилиме соработката во економијата, енергетиката, сообраќајната инфраструктура и туризмот, почитувајќи ги притоа принципите на одржлив развој – изјави Ѓукановиќ на виртуелниот самит што се одржа неделава.
Сѐ поголемото присуство на кинеските компании и инвестиции во земјите од Западен Балкан треба да се гледа низ геополитичките интереси на големите светски сили, а сѐ поголемото ривалство меѓу Русија и САД на овој дел од светот. Последните години и Русија се обидува да биде поприсутна во економските случувања на Балканот. Учеството на руските компании во БиХ, Србија, Македонија и во Црна Гора е меѓу 6,5 и 10 отсто, а нивните инвестиции се највидливи во енергетиката, банкарството, рударството и недвижностите. Најголемо руско влијание во економскиот дел се гледа во Србија и во Црна Гора. Според некои искажувања изнесени во „Гласот на Америка“, руските инвестициите во Црна Гора се речиси една третина од БДП на оваа земја.

Во Србија, Русија има директна или индиректна контрола на над 10 отсто од економијата, пред сѐ во енергетскиот и банкарскиот сектор.
Иако САД не учествуваат со големи финансиски средства во „балканската“ економија, тие се обидуваат да се вратат на Балканот преку поттикнување на демократските процеси и унапредувањето на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан. САД сѐ уште се највлијателна сила, која последните години регионот повторно го става во фокусот на своите политички интереси. Новата администрација на американскиот претседател Џо Бајден најави поголема соработка и координација на активностите со Европската Унија, која исто така, поради своите внатрешни проблеми, целосно го замрзна процесот на проширување кон балканските земји. Несогласувањата во ЕУ и стравот од проширување ги искористија другите светски играчи, кои на регионот гледаат како на примамливо подрачје за инвестирање, пишува „Ал џезира“.