Месното население во околината на Цазин е вознемирено од изградбата на куќи во сопственост на припадниците на тамошната селафиска заедница

Во селото Стијена кај Цазин е зачестена изградбата на куќи, кои ги подигнуваат припадниците на тамошната селафиска заедница. Меѓу месното население постои загриженост дека во нивната близина никнува нова Маоча, место во тузланскиот кантон во кое има колонија на селафии, пишува „Дневни аваз“. Весникот потсетува на одлуката на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, која во февруари 2016 година на т.н. независни параџемати им понуди интеграција, или во спротивно ќе бидат забранети да работат.

Џемат е основна и најмала организациска единица на припадниците на исламската вера. Во април 2016 година, беше соопштено дека седум од 29 параџемати се согласиле да се стават под закрила на Исламската заедница. Меѓу оние што одбиле да се интегрираат е и параџематот во Стијена кај Цазин.

„Дневни аваз“ пишува за загриженоста на населението во околните села поради тоа што никнуваат нови куќи на земјиштето, кое масовно го купуваат припадниците на селафиското движење. Главниот имам во Цазин, ефендија Саид Мујакиќ, вели дека пред три години им била понудена интеграција, но тоа било одбиено.
– Тогаш им реков дека во иднина ќе бидат предмет на безбедносните служби и државата. Тешко е да се разговара со овие луѓе – вели Мујакиќ.
Бајро Каиљковиќ, кој со брат му се главни во оваа организација, вели дека секој може да купи земја и да гради куќа каде што сака.

– Не гледам ништо спорно во тоа што имаме бради и градиме куќи. Никому не му пречиме, ниту некој нам ни пречи. Прашајте ги и нашите соседи и тие нека ви кажат самите. Не знам зошто некому му пречиме. Ние сме обични луѓе имаме свои погледи и тоа е тоа. Не мораме да се однесуваме како што ќе каже реисот. Од овде никој не заминал во Сирија. Ние сме подготвени да ја браниме нашата држава секогаш – изјави Каиљковиќ, за „Дневни аваз“.

Горна Маоча е село во тузланскиот кантон, кое за време на војната во БиХ беше етнички исчистено од српското население и стана упориште на вехабиите. Медиумите во БиХ пред неколку години пишуваа за ова село, кога се појавија снимки и фотографии за истакнување обележја што асоцираат на знамето и иконографијата, кои се користат од терористичката организација ИСИЛ. По војната во ова село на Мајевица живеат припадници на селафиската заедница и во интерната комуникација на жителите се применува шеријатското право. Тие негираат каква било поврзаност со ИСИЛ и со Исламската држава.