Автобус кој сообраќал од Германија за Косово е каменуван синоќа додека минувал низ Србија, јавија медиумите во Приштина, повикувајќи се на информации добиени од патниците на автобусот.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, на автобусот, кој сообраќа на релацијата Келн-Приштина и кој превезувал главно Косовци кои живеат во Германија, му е скршено предното стакло, но нема повредени патници.

Приштинските медиуми објавија и фотографии испратени од патниците во автобусот.

По објавувањето на информацијата за каменувањето на автобусот, реагираше шефот на косовската дипломатија Беџет Пацоли, кој побара од надлежните органи во Србија да им обезбедат заштита на луѓето кои се на пропатување низ државата.

Пацоли им порача на српските безбедносни институции „да се угледаат на професионалноста, посветеноста и одговорното однесување на полицијата на Република Косово кон сите државјани и граѓани во Косово“.

– Нападот, со цврсти предмети, кој за среќа помина без повредени лица, што денеска се случи врз автобусот на една косовска компанија, додека транзитно поминуваше низ територијата на соседната држава Србија, е неприфатлив и треба итно да биде осуден од ЕУ, меѓународната заедница и самите институции на редот и законот во Србија, напиша Пацоли на Фејсбук.