Бугарија е најновата „врата“ кон тајните на НАТО и Европската Унија за Кремљ. Според тајни снимки направени кај руската амбасада во Софија, жена во бела јакна се состанува со човек кој брои пари, што наводно се награда за направената шпионажа. Во телефонски повик снимен од камера во амбасадата, наводниот водач на групата му раскажува на соговорникот како неговиот татко плачел кога Јосиф Сталин починал. Сето ова е дел од шпионските дејствија кои Бугарија ги откри пред да ги протера двајца руски амбасадори и уапси шест лица поврзани со случајот, пренесува „Си-ен-ен“.

Уапсената жена има бугарско и руско државјанство и служела како посредник во амбасадата. Таа наводно е сопруга на водачот на шпионската група. Водачот има псевдоним „Резидентот“ и е висок поранешен член на бугарското Министерство за одбрана. Главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, го опиша случајот како шпионажа невидена во Бугарија од 1944 година досега.

Снимките, направени од бугарски истражители, беа објавени во петокот, а беа поднесени обвиненија против шест Бугари, од кои неколку од нив високи поранешни функционери за одбрана. Тие се под сомнение дека шпионирале за Русија и имале пристап до државни тајни на Бугарија, НАТО и Европската унија.

Објавен е и наводниот меморандум на групата, напишан на бугарски и руски јазик, во кој се наведуваат нејзините приоритети, што вклучуваат собирање информации за состаноците на НАТО, политиката на ЕУ кон Русија и разузнавачките служби на Украина и Белорусија. Од голем интерес на шпионите бил инаугурираниот Центар за поморска координација на НАТО во Варна, на бугарскиот брег на Црното Море.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, побара од Москва да престане со шпионските операции во Бугарија. Од своја страна, руската амбасада во Софија одговори дека ова се „неуморни очигледни обиди да се создаде процеп во руско-бугарските односи“.


Ако Виена беше епицентарот на шпионажа по Втората светска војна во Европа, денес Софија ја заслужува таа титула

Бугарија беше една од најверните членки на Варшавскиот пакт предводен од Советскиот Сојуз до 1989 година. Како членка на НАТО и Европската Унија, сега аналитичарите велат дека тоа е омилена цел за руската шпионажа.

Од страна на Русија досега беше забележана поддршка за руско-ориентираните групи во Бугарија. Една од нив, наречена „Русофислко национално движење“, е предводена од Николаи Малинов, кој беше обвинет во 2019 година за шпионажа и перење пари за руски организации во земјата. За неговиот случај допрва треба да има судење, а на Малинов му беше дозволено да ја напушти Бугарија и да отпатува во Москва, каде што претседателот Владимир Путин му го додели рускиот орден за пријателство, објавува „Си-ен-ен“.

Главниот обвинител тврди дека Малинов протекувал информации на руска група наречена „Друштво на двоглавиот орел“ со кој раководи олигархот Константин Малофеев, кој води руско тв-шоу и кој своевремено предложи Владимир Путин да биде прогласен за цар на Русија. Малофеев претходно беше санкциониран од САД и Европската Унија за наводно финансирање на сепаратистички воени групи во источна Украина.

Минатата година бугарските обвинители обвинија и тројца Руси во отсуство, наводно поврзани со труење на бугарски трговец на оружје во 2015 година со употреба на супстанца за која се верува дека е нервниот агенс „новичок“. Еден од нив беше идентификуван како Сергеј Федотов, наводно офицер во руското воено разузнавање.

Русија постојано ги отфрла ваквите обвинувања. Според Сергеј Иванов, портпарол на руската надворешна разузнавачка служба, американските разузнавачки служби водат кампања против земјите од Источна Европа кои сакаат да имаат добри односи со Русија. Бугарија станала епицентар на оваа кампања, смета Иванов.

Но, доколку бугарските обвинители се во право, Кремљ ја гледа Бугарија како примамлива цел и еден вид „задна врата“ за стигање до тајните на НАТО и Европската унија, како и за оружјето што стигнува до Украина.