Фото: Игор Бансколиев

Министерството за економија на Македонија нема потпишано договор/меморандум за соработка за скијачкиот центар Попова Шапка – Брезовица со Косово, ни одговорија од прес-службата на ресорното министерство, а за содржината на студијата за оправданост за развојот на ски-центарот на Попова Шапка, нѐ преупатија
кај АД „ЕЛЕМ турс“

Изградбата на заедничкиот „македонско-косовски“ скијачки центар на Шар Планина, преку поврзување на Попова Шапка и Брезовица, предизвика најголемо интересирање кај фирмите од туристичкиот сектор во земјата, по потпишувањето десетина билатерални договори меѓу Македонија и Косово, што се случи по завчерашната официјална посета на косовскиот премиер Албин Курти на Скопје. Како што е познато, македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот косовски колега потпишаа неколку договори во областа на економијата и сообраќајната инфраструктура. Премиерите на двете влади и ресорните министри ги потпишаа меморандумите за разбирање за студијата за оправданост за патот Призрен – Тетово и за реконструкција на тампон-зоната Блаце помеѓу двата гранични објекти на двете држави, протокол за гранично регулирање на железничкиот сообраќај, меморандум за соработка во енергетскиот сектор и други договори во областа на безбедноста и дијаспората…
„Нова Македонија“ се обиде да добие информации од македонското министерство за економија, на кој начин постојниот ски-центар на Попова Шапка ќе биде вклучен во „заедничкиот ски-центар“, за кој косовската влада интензивно работи на изработка на ски-центарот во Брезовица. Во одговорот што ни беше доставен од прес-службата на ресорното министерство стои дека „Министерството за економија нема потпишано договор/меморандум за соработка за скијачкиот центар Попова Шапка – Брезовица со Косово“!?
„За развој на овој скијачки центар е направена физибилити студија од страна на АД ЕЛЕМ турс, за што ве упатувам да побарате одговор за идниот развој на центарот“, стои во краткиот одговор на Министерството за економија на Македонија.

Нашите прашања се однесуваа на тоа кои се економските придобивки од реализацијата на оваа иницијатива за постојниот скијачки центар Попова Шапка, односно дали постои разработена студија или проект за развој на зимскиот скијачки центар на Попова Шапка и дали постојат некои пречки за реализација на овој заеднички проект, во смисла на нерешени имотноправни односи за земјиштето за евентуално нови ски-терени и за меѓугранична комуникација меѓу двете земји.?
За изградбата на еден заеднички скијачки центар било разговарано на минатогодишната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со косовскиот министер за трговија и индустрија Весел Красниќи. Македонскиот министер тогаш информира дека како Влада и како „ЕЛЕМ турс“, откако ќе ја добијат информација од косовската страна, „заеднички да се настапи со цел да поттикнат што посериозни инвеститори со големо искуство во делот на развој на ски-центри“.
– Очекуваме дека меморандумот само ќе го олесни продлабочувањето на соработката во делот на туризмот и ќе ги поттикне сите сериозни инвеститори да покажат интерес и да инвестираат во ски-центарот – рече Бектеши по средбата со неговиот косовски колега.
Косово планира во овој проект да вложи речиси 410 милиони евра за изградба на ски-центарот Брезовица на Шар Планина, со што ова ќе стане најмодерен ски-центар на Балканот. Овој ски-центар се наоѓа на северозападната страна на Шар Планина, на околу 60 километри од Приштина, на надморска висина од 900 до 2.500 метри, пишува турската агенција „Анадолија“. Предвидена е изградба на повеќе од 100 километри ски-патеки, 35 патеки во првата и 25 во втората фаза, речиси 20 ски-лифта и друга инфраструктура потребна за модерен туризам, објави турската агенција „Анадолија“.
Изградбата ќе започне налето и ќе трае цели 18 години, поделена во три етапи. Брезовица е издадена под концесија на 99 години. Во првата фаза се очекува комплетно реновирање на постојниот ски-центар, ќе се отстранат сите стари објекти за да се изградат нови, ќе започне изградба на туристичко село со хотели, ресторани и придружни објекти, а ќе се гради и аквапарк, кој е составен дел на проектот. Оваа фаза ќе трае три години, а за тоа време ќе се работи и на проширување на патиштата, изградба на паркинзи, набавка на машини за вештачки снег. Во сево ова ќе бидат вложени 165 милиони евра, а првите жичници и ски-патеки ќе бидат пуштени во употреба на почетокот на 2016 година. Косовските власти очекуваат инвестицијата во Брезовица да отвори 3.000 работни места, од кои повеќе од 920 ќе бидат директно вклучени во туристичкиот центар.

Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ, ни изјави дека еден ваков проект треба да се поддржи, како и секоја инцијатива што е во насока на развојот на туристичката понуда во регионот.
– Позитивна е секоја иницијатива што е во насока на искористување на потенцијалите на скијачкиот центар на Попова Шапка. Постојат природни потенцијали за остварување на ваков проект, но недостиг од финансиски средства, кои би можеле да се обезбедат со заеднички настап пред европските фондови. Немаме информации во која фаза се подготовките од косовската страна. Изградбата на големиот ски-центар Попова Шапка – Брезовица ќе привлече туристи од целиот регион. За тоа постојат и добри сообраќајни врски од Албанија и од Косово. Прашањето колку ние сме подготвени за реализирање големи проекти и дали имаме сеопфатен проект за развојот на Попова Шапка, со чија реализација ќе се овозможи брз пристап до ски-центарот, и дали имаме изработен план за сите други содржини што следуваат со изградба на современ регионален ски-центар – ни изјави Блажевски.
Процедурата за подготовка на документацијата и изборот на адекватен инвеститор за ски-центарот Брезовица траела неколку години. Во овој туристички центар не е вложувано ништо од 1999 година. Приватизацијата досега ја попречуваше и спор околу сопственоста над имотот, затоа што српската влада тврди дека полага право на сопственост врз имотот на општественото претпријатие „Инекс ски центар“ – Брезовица. Затоа, косовската влада била принудена наместо за продажба, да се одлучи за издавање на имотот под концесија, пренесува „Фактор“.