Политичарите на Балканот пред граѓаните и пред своите гласачи сакаат да се претстават како луѓе што се произлезени од народот, со кој споделуваат исти вредности и интереси. Кога се пред камерите, тие сакаат да остават впечаток на сериозни и посветени политичари и државници. Но зад политичката сцена, тие се луѓе како и сите други, сакаат да патуваат, да спортуваат, да готват и да уживаат во домашната храна, музиката, песната…

Заев е заљубен во моторите

Македонскиот премиер Зоран Заев во слободно време ужива да вози мотор. Секое слободно време го користи за да се дружи со својот квадрицикл, а понекогаш со него поминува по педесетина километри за да пристигне на некоја прослава или свеченост во некое македонско место. Својата љубов кон овој мотоспорт му ја пренел и на синот Душко, со кого е фотографиран покрај моќната машина на падините на планината Беласица.
Премиерот Зоран Заев, кој е член на мотоклубот АТВ Струмица, често учествува и на планински моторели. Тој веќе десетина години вози квадрицикл, а двапати и се повредуваше. Во 2009 на тромеѓата на Беласица при пад го скрши десното рамо, а во 2010 кај селото Три Води на истата планина го скрши скочниот зглоб на десната нога.

Верен обожавател на НБА-лигата

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во слободно време рекреативно се занимава со спорт, а во помладите години бил верен обожавател на американската кошаркарска лига НБА. Со поблиските пријатели сака да игра бриџ и, како што изјави во еден од телевизиските настапи во претседателската кампања, „никогаш не губи двапати“. Во миговите на одмор сака да слуша добра музика, а „фаворити“ му се Елвис Присли и поранешната македонска рок-група „Леб и сол“.

Брнабиќ сака патувања
Ана Брнабиќ, српската премиерка, летата ги поминува кај своите баба и дедо на островот Крк. Омилен спорт ѝ е пливањето. Сака да готви, а најмногу сака кинеска кујна, ќебапи и тартуфи. Многу сака да патува, а најубави сеќавања носи од посетата на Кенија, Замбија, Малави и Танзанија. Ужива кога сама вози автомобил. Обожава филмови, омилен филм ѝ е „Господарот на прстените“, а често посетува и уметнички галерии и изложби.

Детскиот сон на Вучиќ

Александар Вучиќ, претседателот на Република Србија, годинава ја оствари својата долгогодишна желба да биде кошаркарски тренер за деца. Тој на почетокот на факултетската година се запиша на Вишата спортска школа за стручни студии. „Вие не би поверувале колку сум среќен што по многу години почнувам да ги остварувам моите детски соништа“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој е пасиониран собирач на сите енциклопедиски изданија на кои ќе наиде на службените патувања. Поседува обемна колекција на стручна литература. Добар познавач е на виното. Не сака да купува, а гардероба му купуваат неговите соработници.

Мајстор за домашна ракија
Поранешниот претседател на Србија, Томислав Николиќ, слободното време го поминува на семејниот имот, каде што со својата сопруга Драгица бере лековити тревки и печурки. Ужива да вари домашна ракија.

Од ракометар до голфер
Вториот хрватски претседател Стјепан Месиќ бил пасиониран спортист. Активно се занимавал со ракомет, а се испробал и во боксот, тенисот, мечувањето. Од неговиот претседателски мандат има фотографија облечен во кимоно. Кон крајот на вториот мандат се посветил и на голфот.

Пури, песна и дипломатија

Сегашниот претседател на српското собрание, Ивица Дачиќ, сака да се релаксира со добро друштво во меана. Ужива во пури и ги купува секогаш кога се враќа од некое патување. Често ги добива како подарок. Тој е познат по тоа што на високите странски делегации им пее и понекоја песна.

Фудбалот како политика
Првиот претседател на Хрватска, Фрањо Туѓман, бил заљубеник во фудбалот и тенисот. Со добро избрани луѓе од политичкиот и општествениот живот играл фудбал. Хрватските медиуми пишуваат за неговата страст, како погрешен пример за влијанието на политиката во спортот, односно за неговата желба загрепскиот фудбалски клуб Динамо да го направи „сехрватски“ клуб.

Претседател што компонира

Иво Јосиповиќ, претседател на Хрватска од 2010 до 2015 година, е следбеник на музичката уметност. Тој е правник, свири клавир и компонира. Нему му се замерува дека претседателскиот мандат го искористил за зацврстување на позицијата на Агенцијата за заштита на авторските права во музиката.

Верен навивач

Првата жена претседател Колинда Грабар-Китаровиќ не се занимавала активно со спорт и единствено се посветила на планинарењето, кое ја релаксира и ја полени со енергија. Таа редовно ги следеше хрватските спортисти на важни меѓународни натпревари.

Бокс и гитара
Актуелниот претседател Зоран Милановиќ има богата спортска историја, а особено го сакал боксот. Подоцна станува верен на планинарењето, трчањето и на велосипедизмот.

Бакир Изетбеговиќ, претседател на Партијата за демократска акција (СДА), е голем љубител на животни. Во слободното време се дружи со гитарата, за која вели дека има сѐ помалку време, но и го потсетувала на бурната младост во Сараево.