Фото: Игор Бансколиев

Доколку се тргне од досегашните сознанија за масовното мигрирање од овие простори кон западноевропските земји, реално е да се очекуваат поразителни бројки за населението во сите земји од Балканот

Пописите на населението во земјите од Западен Балкан, кои се на редовниот статистички календар во 2021 година, ќе се спроведуваат во специфичен амбиент, не само поради неповолната епидемиолошка состојба во регионот туку и поради неизвесноста што произлегува од пребројувањето на луѓето по основа на националната припадност. Пописот на населението на овие простори не претставува само најмасовна статистичка операција што собира податоци за реалниот број граѓани во една земја, со нивната структура според пол и старост, образование и занимање, туку добива и посебна меѓуетничка димензија. Очекувањата на еднонационалните партии, но и на секоја држава од соседството се насочени, главно, кон тоа да има што повеќе жители од сопствената етничка заедница. Многу поважна информација е колку од луѓето се иселиле од овој Балканскиот Регион во последната декада. Доколку се тргне од досегашните сознанија за масовното мигрирање од овие простори кон западноевропските земји, реално е да се очекуваат поразителни бројки за населението во сите земји од Балканот.
Пописот на населението во Црна Гора нема да биде одржан во април, во претходно најавениот термин, туку во втората половина на 2021 година. Претходните пописи на населението во ЦГ беа проследени со силни политички кампањи. На „пребројувањето“ на населението во 2011 година граѓаните беа повикувани да е изјаснуваат како Срби, а во кампањата беше искористен и ликот на тенисерот Новак Ѓоковиќ, со слоганот „Биди тоа што си“. Од Србија повеќепати беше искажувана заинтересираност за резултатите од претстојниот попис, а важноста од тоа ја истакнуваше и самиот српски претседател Александар Вучиќ, пишува Радио Слободна Европа, кој дава и преглед на спроведувањето на пописите на Балканот.

На ова следуваше и реакција од црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој во настапот на Вучиќ препозна намера да се докажува тезата од соседството дека „Црна Гора не е граѓанска држава туку дека таа е српска“. Пописот на населението е од висок национален интерес и за политичките партии што гравитираат околу српскиот национален корпус, но и за Српската православна црква. Со големи очекувања се и партиите на националните малцинства во Црна Гора, од чија процентуална застапеност во вкупното население зависи и користењето на загарантираните права според црногорскиот устав. На пописот одржан во 2011 г., во Црна Гора се регистрирани 620.029 жители, од нив 45 отсто се изјасниле како Црногорци, 28,73 отсто за Срби, 8,65 отсто како Бошњаци, 3,31 отсто како муслимани, 4,91 отсто како Албанци, а Хрвати имало еден отсто.
Поради влошената епидемиолошка слика од коронавирусот, пописот во Србија е одложен за октомври 2021 година. На претходниот попис во земјата се регистрирале околу 7,2 милиони жители. Но според податоците на државниот Завод за статистика, во 2019 година првпат во земјата има под седум милиони жители (6.982.604). Тоа што особено го оптоварува одржувањето на пописот е попишувањето на припадниците на албанското малцинство. Официјалните статистики покажуваат дека има околу 5.800 Албанци, но се претпоставува дека нивниот број е поголем, бидејќи припадниците на албанската задница во 2011 одбија да учествуваат на пописот. Тие имале забелешки и на тоа што пописните листи не се двојазични, а и националната структура на попишувачите не била доследно почитувана од пописните органи во Србија.

Дали Албанците ќе учествуваат на претстојниот попис во Србија сѐ уште не се знае, изјави Шаип Камбери, пратеник во српското собрание од изборната листа „Албанска демократска алтернатива – Обединета долина“ за Радио Слободна Европа. Албанските граѓани од југот на Србија бараат да се реши проблемот за пасивизацијата на престојувалиштето, што значи дека на лицата што ја напуштиле земјата и мигрирале на Косово, српските институции не дозволуваат да им се обноват личните документи.
Последниот попис на населението, домаќинствата и становите во Косово е спроведен во 2011 година. Овој попис беше бојкотиран од Србите, а во четири општини на северот во Косово воопшто не беше спроведено попишувањето на населението. Се проценува дека на овие простори живеат околу 20.000 лица, а вкупниот број на населението во Косово е околу 1,8 милион граѓани.
Професорот на Факултетот за географија на Универзитетот во Приштина, Ибрахим Рамадани, нагласува дека институциите во Косово, во соработка со меѓународната заедница, мораат да пронајдат начин за споредување на пописот во општините на северот на Косово за да се знае вкупниот број на жителите.

По 19 години, пописот во Македонија ќе биде одржан од први до 21 април годинава, а од први до 15 март се попишуваат сите државјани што престојуваат во странство. Досега се пријавиле околу 60.000 граѓани што се во странство, а попишувањето на дијаспората ќе трае до 22 април. Од опозицијата упатија забелешки за непостоење на стручна и широка дебата за пописот, како и за „проблематичната“ методологија за спроведување на пописот. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа и одложување на пописот поради епидемијата на коронавирусот. Директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, изјави дека одлука за одложување на пописот може да ја донесе Комисијата за заразни болести, но како што нагласи, досегашната состојба дозволува спроведување на пописот со строго почитување на здравствените протоколи. Македонскиот премиер Зоран Заев изјави дека резултатите од пописот се важни за економската иднина на државата.