Жените што сакаат да се вратат во БиХ ќе бидат третирани во согласност со меѓународните конвенции, а оние што биле припаднички на Исламската држава ќе одговараат пред законот

Босна и Херцеговина ќе дозволи враќање на сите свои државјани што сега се сместени во камповите во Сирија, а биле поврзани со терористичката организација Исламска држава. Оваа можност ја најави министерот за одбрана на БиХ Драган Мектиќ, кој во понеделникот ја потврди информацијата дека станува збор за 260 босанско-херцеговски државјани. Тој за новинарите во Бања Лука изјави дека располагаат со информации за тоа дека по падот на Исламската држава во камповите за бегалци во Сирија има околу 270 илјади лица. Од државјаните на БиХ околу стотина лица учествувале во воени дејства, додека другите се нивни жени и деца.
Жените што сакаат да се вратат во БиХ ќе бидат третирани во согласност со меѓународните конвенции, а оние што биле припаднички на ИД ќе одговараат пред законот, иако во оваа терористичка организација извршувале само помошни работи, пренесе агенцијата „Хина“.

Во октомври беше договорена депортација на девет мажи и на едно дете од три години, кое останало без семејство, но операцијата беше одложена по турската воена интервенција на северот во Сирија. Посебен проблем претставуваат децата што се родени во Сирија и во Ирак. Засега е утврден механизмот по кој би се утврдувал нивниот идентитет пред нивната депортација, затоа што е потребно да се утврдат биолошките родители, односно дали овие деца имаат право на државјанство од БиХ.
– Нема да биде прифатен никој што нема државјанство на БиХ, а крајна мерка ќе биде ДНК-анализата – изјави министерот Мектиќ.

Хуманитарните организации предупредуваат дека државите треба да ги забрзаат постапките за враќање на своите граѓани, затоа што условите во камповите се неподносливи, особено за децата. Кампот Ал хол на североистокот во Сирија има повеќе од 70.000 бегалци, а повеќе од 90 отсто се жени и деца. Од почетокот на годината во овој камп умреле 390 деца и тоа од излечиви болести.
Неофицијалните информации говорат дека жените и децата требало да стигнат во БиХ минатото лето, а сега забрзано се подготвуваат документите за враќање на 30 жени, 70 деца и околу стотина мажи. Но оваа бројка може и да биде зголемена. Од истражувањата на БИРН се дознава дека безбедносните служби имаат сознанија дека некои од жените учествувале во борбите во Сирија, а некои биле и припаднички на шеријатската полиција, која е одговорна за многу злосторства над цивилите.

Босна и Херцеговина нема поднесено ниедно службено обвинение против која било жена, но постои реална можност некои од нив да бидат обвинети не само за тероризам, туку и за загрозување на сигурноста на децата со нивното носење на боиштата во Ирак и во Сирија.

Владо Азиновиќ, експерт за екстремизам и тероризам, вели дека мажите повратници сигурно ќе завршат пред судот. Тој посочува и на две жени, кои на социјалните мрежи не се криеле дека учествувале во воени дејства.

Некои држави како Казахстан имаат посебни програми за ресоцијализација на жените и децата, за разлика од Велика Британија и Германија, кои поведуваат судски постапки. Еден суд во Велика Британија одлучи да ѝ се одземат децата на мајката, со образложение дека свесно ја занемарила опасноста со заминување во воената зона. Од мисијата на ОБСЕ во БиХ за БИРН изјавија дека некои повратнички ќе мораат да застанат пред судот, но другите ќе бидат ресоцијализирани надвор од криминалниот систем.

– Некои жени и девојки биле жртви на сексуално насилство што може да доведе до зголемена стигматизација во нивните заедници. Ваквите случаи бараат психосоцијална и здравствена помош – посочуваат од БИРН.
Малик Гариби, министер за социјални прашања во кантонот Сараево, тврди дека жените би требало да се третираат исклучиво како жртви, пренесува поратлот „Бјесак.ба“.

– Тие не учествувале во борбите, тоа се жени и деца, кои самите често биле жртви на различни облици на насилство. Самиот факт дека виделе разни злосторства на нив остава значајни трауми. Тоа покажува дека тие биле жртви и како општество имаме единствен избор. Ќе сакаме ли да ги занемариме или да им дозволиме да го кршат законот на разни начини како одговор на претходните трауми. Или ќе дадеме сѐ од себе што порано да се вратат и да покажат дека навистина жалат за тоа што ѝ се приклучиле на Исламската држава – вели тој.
Три државјанки на БиХ, кои бараат да им се дозволи да се вратат во земјата, веќе напишале писмо во кое наведуваат дека „секој греши во животот“.