Поради сѐ помалиот број свештеници на островите Брач, Хвар и Вис, кои се во регионот на Средна Далмација, нередовно се извршуваат верските обреди за локалното население.

Поради верската криза на среднодалматинските острови, бискупот Петар Палиќ испратил писмо до своите верници, со кое ги информира за новите правила за верска служба. Тој им дозволил на жителите од островите славењето на неделните свети миси да се прави во сабота вечер, а во одделните жупи во хрватско-брачката бискупија ова веќе се применува некое време, пишува „Слободна Далмација“.

– Последните години во нашата бискупија се соочуваме со многу предизвици, кои нѐ принудуваат на нови правила за славењето на неделната миса. Има сѐ помал број расположливи свештеници, некои не можат да ја извршуваат службата поради старост и нарушено здравје на свештените лица. Има и голем број неделни миси и сѐ помалку верници во одделни жупи. Тоа наметнува нови промени во пасторалниот живот – се наведува во писмото на бискупот Балиќ.

За 46 жупи на Брач, Хвар и Вис се грижат 23 свештеници, а состојбата дополнително ќе се влоши поради староста на некои свештени лица.