Турција нема намера да се повлече од набавката на рускиот противвоздушен ракетен систем „С-400“, без оглед на санкциите што ѝ се наметнати од Соединетите Американски Држави, изјави шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу во интервју за телевизијата 24ТВ.
– Ние продолжуваме да преземаме чекори за да ја направиме нашата воена индустрија понезависна. Нема да се откажеме од „С-400“. Санкциите се погрешна одлука. Ќе преземеме реципрочни мерки – нагласи Чавушоглу.
Во исто време, секретарот на воената индустрија на Турција, Исмаил Демир, исто така верува дека американските санкции нема да влијаат на договорот меѓу Турција и Русија во врска со испораките на дополнителните батерии на системот „С-400“.
– Санкциите не влијаат на ништо, освен на луѓето и одделенијата кон кои се воведени. Тие не влијаат на договорите што беа потпишани порано. Не сметаме дека санкциите ќе предизвикаат штета или ќе нѐ ослабат – рекол Демир во интервју за телевизијата А Хабер.
Инаку, Соединетите Американски Држави воведоа санкции против турскиот секретаријат за одбранбена индустрија и нејзиниот шеф Исмаил Демир, како и против три други физички лица во Турција „поради врски со Русија“.