Допишувањето на имињата во боречките регистри е дел од политичкиот проект за создавање политичка гласачка инфраструктура, која преку гласање на изборите го враќа долгот што ги добила воените привилегии

Федералното министерство за прашања на борците во одбранбено-ослободителната војна го објави новиот регистар со 593.597 лица што учествувале, барем еден ден во војната во Босна и Херцеговина. Единствениот регистар со имињата на борците е објавен на официјалната веб-страница на министерството и на него се 382.263 припадници на армијата на ФБиХ, 194.815 припадници на ХВО и 194.815 припадници на МВР на РБиХ. Вториот чекор на ресорното министерство е во регистарот да се внесат и податоците на тоа кои биле во борбениот дел на оружените сили, а кои биле во логистичките бази, наменската индустрија, цивилната заштита и во помошните единици.

Објавувањето на списокот е објавен тивко и без одржување прес-конференција со новинари на која би се објаснила методологијата за евидентирање на борците. Како што пишува „Аваз“, јавноста останува неинформирана за многу важни информации – колку се вкупно регистрирани борци, во кои единици или формации, дали во текот на војната ги менувале воените формации, дали од борбени преминувале во неборбени, дали има регистрирани дезертери, кои подоцна, со општата амнестија и законите, биле ослободени од кривичниот прогон.

Боречките организации две години протестираа барајќи да се објави единствениот список, кој ќе даде слика за бројот на активните бранители. Отворено прашање е како бројот од 250.000 припадници на вооружените сили на крајот на 1995 година се искачил на 595.000. Постои сомневање дека во последните 25 години на списоците биле неселективно допишувани лица и без соодветна процедура, за да можат многу партиски и подобни кадри да добијат „испеглана“ воена биографија.
Клучното прашање е кои се изворите врз основа на кои е правен регистарот. Дали во докажувањето на воениот стаж се користени евиденции на единиците или тоа е правено со изјава на двајца сведоци?

Актуелниот претседавач на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ, како припадник на армијата на БиХ, предлага регистарот на борците да биде селектиран според припадноста на единиците. Така, едноставно ќе се провери дали некој бил дополнително внесен на боречките листи и лесно ќе се провери дали има некакви злоупотреби. Комшиќ отворено предупреди дека допишувањето на имињата во боречките регистри е дел од политичкиот проект на создавање политичка гласачка инфраструктура, која преку гласање на изборите го враќа долгот што ги добила воените привилегии.

Федерацијата Босна и Херцеговина доби регистар што нема да ја исполни својата темелна функција, а јавноста нема да знае колку е вкупниот број на бранители, каква е нивната структура. Засега, ниедна боречка организација не се огласила за најновиот список на поранешни војници, забележува авторот на коментарот објавен на сајтот на „Аваз“.