По трет пат за време на владеењето на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ќе бидат одржани одвоени комеморации за жртвите во концентрациониот логор „Јасеновац“. Државната свеченост во организација на хрватскиот парламент е најавена за 14 април, а втората во организација на жртвите на усташкиот режим ќе биде два дена порано.

Претседателот на Сојузот на антифашистичките борци и антифашистите на Република Хрватска, Фрањо Хабулин, изрази загриженост поради „општествената клима и фашизацијата на општеството“ и пред сѐ отсуство на реакција од актуелната власт за обидите за негирање на злосторствата кои биле направени во „Јасеновац“ во Втората светска војна.

Претседателката на српската заедница, Анета Владимиров, во изјава за „Глобус“ нагласи дека во изминатата година ништо не се сменило. Таа смета дека би било непринципиелно да се очекува заедничка комеморација.

– Во општеството и натаму е присутно усташофилството, а од говорот на омраза се помина на дело, како што е нападот на српските ватерполисти во Сплит – вели Владимиров.

Претставничката на еврејската заедница, Сања Зоричиќ-Табаковиќ, напоменува дека „состојбата во Хрватска е уште полоша од лани и смета дека односот на власта кон фашистичките појави во општеството е застрашувачка, односно државата не реагира и таа се срами од партизаните“.

Анета Владимиров наведува пет причини зошто српската страна не оди на заедничката и службената комеморација. Тоа се: несоодветната и тенденциозна постановка во меморијалниот музеј „Јасеновац“, несоодветни архитектонски услови на музејската зграда, состојбата на другите логорски локалитети, отсуството на „Јасеновац“ во образовниот концепт и финансирањето на здруженијата на помалите етнички заедници во Хрватска.

– Ми се чини дека Пленковиќ од малцинствата бара разбирање за својата политичка состојба. Тој е изморен во тоа балансирање меѓу догматскиот однос на ХДЗ кон историјата и сѐ поголемите барања од здравото тело на општеството. Проблемот е што тој однос на меѓусебна доверба е трајно разнишан – вели Владимиров.