Концептот на италијанскиот трговски бренд е насочен кон намалување на трошоците за работење во сите сегменти, што им овозможува висока ценовна конкурентност

Италијанскиот трговски синџир „Еуроспин“ има сериозни планови да го освои хрватскиот пазар, а со своите ниски цени на основните прехранбени производи ќе им биде голема конкуренција на постојните трговски маркети во Хрватска. Големиот трговски бренд од Италија веќе неколку месеци има отворени конкурси за вработување, а избраните кандидати ги испраќа на обука во своите продажни објекти во Италија и во Словенија, каде што има отворено 84 продажни центри, пишува „Слободна Далмација“.

– Станува збор за еден од најдобрите дисконтни центри во Европа, кој располага со свеж асортиман, а во понудата имаат и производи од приватни стоковни марки и помалку познати брендови од Италија. Не верувам дека ќе бидат загрозени другите трговци, но можеби ќе бидат затекнати производителите и преработувачите. Наспроти ниските дисконтни цени во своите објекти, доаѓањето на „Еуроспин“ нема да ги натера другите трговци да ги намалат цените како што го направи тоа „Лидл“ во Србија, кој само за два месеца презеде пет отсто од тамошниот малопродажен пазар – смета Драго Муњиза, консултант за трговија и поранешен директор во „Конзум“.

Разликата меѓу дисконтот и супермаркетот е во тоа што првите имаат максимално 800 артикли во своите продажни центри, со минимален број вработени, додека во супермаркетите може да се најдат повеќе од 6.000 артикли.

Горан Павловиќ, главен уредник на специјалниот портал „Јас трговец“, вели дека оваа италијанска фирма е т.н. хард-дисконт, што дека значи повеќе од 90 отсто од асортиманот го чинат производи од нивните приватни марки.

– Ова е концепт што е насочен за намалување на трошоците за работење во сите сегменти, што им овозможува висока ценовна конкурентност. Колку нивните цени ќе бидат пониски од конкуренцијата тешко е да се каже, но сосема е сигурно дека ниските цени се нивната клучна конкурентска предност. Според неофицијални информации, италијанската компанија нема да се развива преку преземање постојни трговски куќи, туку преку отворање самостојни објекти – вели Павловиќ.

Деловната политика на италијанскиот трговски бренд се состои во тоа што тие се шират во предградието на големите урбани центри, каде што нема да имаат конкуренција. Можно е тие да се лоцираат во помалите приморски места или на островите. На домашниот малопродажен пазар се вртат околу 43 милијарди куни и тој не е покриен целосно од големите трговски синџири и остава простор за нови инвестиции во оваа дејност.

Во Хрватската стопанска комора нагласуваат дека во непрехранбениот дел на пазарот постојано има прегрупирање на главните играчи, а во последните години од Хрватска заминале неколку големи трговски компании. Специфичноста на хрватскиот малопродажен пазар е што има постојано меѓусебно преземање на локалните трговци, кои се мошне силни.

– Денеска трговијата во Хрватска се карактеризира со висок степен на конкуренција, концентрација и консолидација. Податоците за заштита на пазарната конкуренција покажуваат дека топ 20 трговци со прехранбени производи заземаат удел поголем од 80 отсто од пазарот – велат од Хрватската стопанска комора.

Исто така, домашниот малопродажен пазар е интернационализиран. Влегувањето на новите играчи на пазарот главно се одвива во тајност, преку испитување на пазарот и потребите на потрошувачите, пишува „Слободна Далмација“.