Врховниот суд на Грција издаде наредба да почне истрага за управувањето со европските пари што ѝ биле исплатени на Атина, како помош за справувањето со мигрантската криза во 2015 и во 2016 година.

Обвинителите ќе отворат прелиминарна истрага по серија статии објавени во печатот, кој ја поддржува десничарската опозиција, а во која властите се критикувани за евентуална злоупотреба на парите. Околу милион мигранти и бегалци, од кои многумина избегаа од конфликтот во Сирија, во 2015 и во 2016 година дојдоа на грчките острови во источниот дел на Егејско Море, во близината на брегот на Турција.

Шефот на операцијата за прием на бегалци, Андреас Илиопулос, е еден од изворите на обвиненијата што тој ги изнесе во интервју, минатата недела за весникот „Филелефтерос“. Грчкиот министер за миграциона политика, Димитрис Викас ги отфрли обвиненијата и го повика Илиопулос да поднесе оставка по неговите изјави, објави АФП.

Викас рече дека Грција добила 570 милиони евра итна помош, од кои 68 отсто им биле предадени на хуманитарни групи и меѓународни организации, како што е агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР). Другите пари биле проследени кај грчката влада, односно кај Министерството за одбрана, чија одговорност беше да изгради околу 40 кампа за мигранти, пренесе Нетпрес.