Новиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, истакна дека неговиот триумф на изборите одбележува нов почеток, за време на синоќешниот победнички говор во неговиот партиски изборен штаб, објавува „Фајненшл тајмс“.

– Ние сакаме да започнеме ново поглавје, нова ера – изјавил Имамоглу пред новинарите и партиските активисти.

Токму тоа ќе претставува грижа за Реџеп Таип Ердоган. Турскиот претседател изгради успешна политичка кариера кога победи на изборите за градоначалник на Истанбул, пред 25 години. Денес, откако претрпе пораз, губејќи ја борбата за Истанбул на изборите одржани во март, како на повторните избори, градот кој му пружаше најголема сигурност и стабилност е во рацете на енергичен и мотивиран опозициски лидер, предводен од Републиканската народна партија.

– Ова е најголемиот неуспех што тој го имал. Тоа ќе ја охрабри Републиканската народна партија и турската парламентарна опозиција затоа што сега тие се цврсто во контрола, не само во Истанбул, туку и на сите поголеми метрополи на Турција – изјавил Синан Улген, претседател на „Едам“, истанбулска експертска група.

Откако претрпеа пораз во повеќе локални градови на изборите на 31 март, претседателот и неговата владејачка Партија за правда и развој инсистираа за повторување на изборите во главниот град.

На изборите што се одржаа синоќа во Истанбул, со освоени 54 отсто од глсовите, за победник беше прогласен Имамоглу. Неговиот партиски ривал, поранешниот премиер Бинали Јилдирим освои 45 отсто гласови.

– Имате личност која, за првпат во 17 години, всушност ја поседува способноста да направи пресек на конзервативното гласање. Тоа целосно ја менува играта за Партијата за правда и развој – изјавил Суат Киниклиоглу, поранешен пратеник на Партијата за правда и развој.

Освојувањето на Истанбул е голема симболична победа, но исто така има непосредни практични последици. Со години Партијата за правда и развој уживаше единствена контрола на општинскиот буџет во висина од четири милијарди долари, кој беше користен за одржување на патронажните мрежи, кои претставуваа столб на неговата поддршка. Но таа предност повеќе не е во нивни раце.

Како олеснителна околност за опозицијата, владејачката партија го прифати синоќешниот пораз. Јилдирим му честиташе на својот противник уште пред државните новински агенции да започнат со објавувањето на резултатите. Подоцна во текот на вечерта, Ердоган преку својот профил на Твитер, исто така, упати честитки до новиот градоначалник.

Сепак, мала е веројатноста дека патот кој претстои пред опозицијата ќе биде едноставен. Поради надежта во вторите избори и повторниот пораз, некои аналитичари сметаат дека Ердоган сега ќе посегне по трета опција, обидувајќи се да го поткопа Имамоглу, со намалување на неговиот буџет или гонејќи го на суд.

– Дали Ердоган ќе дозволи буџетот на Истанбул да биде релативно автономен? Дали тој ќе дозволи Имамоглу вистински да ги користи ресурсите кои ќе му бидат потребни во раководењето? Сите овие прашања се важни – констатирал Марве Тахироглу, истражувачки аналитичар во Фондацијата за одбрана на демократиите во Вашингтон.

Во неговиот победнички говор, Имамоглу побара претседателот да соработува со него за сите проблеми, почнувајќи од подготвување за елементарни непогоди до помогање на пола милион сириски бегалци кои живеаат во градот.

– Јас сум подготвен и сакам да работам во хармонија со тебе – наведе тој.

Новиот градоначалник претходно одби да ги коментира неговите претседателски амбиции. Но, неговата импресивна победа под тешки околности и ехото на неговата приказна со Ердоган, ја прават споредбата неизбежна.