Кинескиот претседател Си Џинпинг неодамна ја заврши својата неколкудневна историска посета на Тибет, прва на автономниот регион откако тој стапи на функцијата шеф на државата, во 2012 година.
Како што пренесува јапонската новинска агенција Којдо, за време на неговата посета на Ласа, главниот град на Тибет, Си посетил неколку места, вклучувајќи ја и палатата „Потала“.
Споменатата палата е на списокот на светско наследство на УНЕСКО и е позната како поранешна официјална резиденција на далај-лама, духовниот лидер на тибетскиот будизам.
Инаку, оваа година, како што потсетува агенцијата Кјодо, се одбележува 70-годишнината од она што Пекинг го нарекува мировно ослободување на Тибет.
Паралелно со ова, за време на дводневната посета, Си во разговор со локалното население се запознал со работата околу етничките и религиозните права во регионот, зачувувањето на античкиот град, како и за заштитата на тибетската култура, пренесе агенцијата Синхуа.
Од она што е познато, Тибет прогласи независност од Кина во 1913 година, веднаш по падот на династијата Кинг. Овој геополитички важен регион за Пекинг се врати во составот на Кина во 1951 година, како автономна област под власта на далај-лама, кој потоа, по неуспешното востание против кинеското владеење во 1959 година, кое резултира со илјадници загинати, пребега во Индија.
Во меѓувреме, кинеската комунистичка партија во 1965 година ја прогласи областа за автономен етнички регион и ја зајакна администрацијата во Тибет, пренесе „Танјуг“.