Шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати изјави дека Албанија ги завршила зададените обврски и оти е подготвена за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Тој нагласи дека сега одлуката зависи од земјите-членки на Унијата, посочувајќи дека неколку од нив го условуваат проширувањето поради „нивни внатрешни дебати“.
– Албанија е подготвена за почеток на преговорите, но сѐ зависи од политичката одлука на земјите-членки, бидејќи неколку од нив, иако немаат забелешки за нашата земја, сепак се противат на проширувањето на ЕУ поради внатрешни прашања – изјави Бушати на средба со студенти по политички науки и право, нагласувајќи дека Албанија е во постојан дијалог со овие скептични земји.

Шефот на албанската дипломатија исто така истакна дека почетокот на преговорите ја става земјата на долг пат со многу големи предизвици за продлабочување на реформите и призна дека може да има отпор од опозицијата и апелираше до неа да биде поконструктивна.
Две недели до Самитот на Унијата, каде што се очекува одлуката за почеток на преговорите, министерот Бушати пред студентите зборуваше и за предностите, но и за задачите што ќе ги има Албанија доколку ЕУ донесе позитивно решение, ставајќи акцент на можностите за многу повеќе средства, но и за подетално следење на реформите.


Албанија подготвена да прифати мигранти од Блискиот Исток

Иако се споменува како една од земјите што може да прифати мигранти од блискоисточните земји, Албанија досега нема добиено официјално барање за тоа од Европската Унија, изјави албанската заменик-министерка за внатрешни работи Ровена Вода.
Во изјава за тиранската телевизија Клан, Вода нагласи дека Албанија нема добиено никакво известување или барање од земјите од ЕУ, ниту пак од Европската комисија за отворање кампови за азиланти, но оти земјата располага со сите капацитети за прифаќање на илегалните мигранти што доаѓаат од конфликтните региони.
– Доколку такво нешто биде побарано, албанската влада ќе донесе таква одлука. Албанија располага со сите потребни капацитети за да ги прифати и да ги третира овие мигранти – изјави Вода.
Таа додаде дека од почетокот на годинава албанската полиција пресретнала над 2.300 мигранти, главно од Сирија и од Ирак, а во помал број и од Пакистан, Алжир, Јемен и од Либија. И покрај зајакнатите контроли на албанската гранична полиција по должината на границата со Грција, сѐ почести се обидите на мигранти за илегален влез на албанска територија.