Партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган промовира закон со кој се обидува да го потисне правото на граѓаните да објавуваат слободно на социјалните мрежи, принудувајќи ги компаниите да цензурираат или да се соочат со казни и ограничувања, пренесува „Брејтбарт“.

„Гласот на Америка“ (ВОА) во вторникот објави дека сојузниците на Ердоган во Големото национално собрание на Турција во моментов изготвуваат законодавство, кое ако биде донесено, ќе ги принуди социјалните мрежи, вклучувајќи ги Твитер, Фејсбук и Гугл, да назначат правен претставник во Турција за да одговорат на судските барања со кои се бара отстранување на содржини или откривање на идентитетот на корисниците.

Компаниите кои нема да го испочитуваат новиот закон во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила, ќе се соочат со постепено зголемување на казните и намалувањето на опсегот до 90 отсто.

Ердоган прв го објави предлогот на 1 јули откако корисниците на социјалните мрежи објавија навредливи коментари на веста дека неговата ќерка и зет го добиле своето прво дете. Полицијата веднаш почна истрага и уапси 11 лица зад 19-те вклучени профили од кои било коментирано.

Навредата на претседателот е кривично дело во Турција.

– Овие платформи не одговараат на оваа нација. Ние сакаме да ги затвориме, да ги контролираме со предлог-законот во парламентот што е можно поскоро – изјави Ердоган на неодамнешната средба со членовите на неговата партија „Правда и развој“ (АКП).

Ердоган бараше законот да помине низ брза постапка во парламентот. Во вторникот, пратениците доставија предлог-закон за кој генералното собрание ќе расправа следната недела.

Слободата на медиумите стана сериозен проблем во Турција последните години. По неуспешниот пуч против Ердоган во 2016 година, тој ги искористи своите овластувања за апсење, заплашување, малтретирање, цензура или прогон на оние што се сметаат за закана за неговиот авторитет. Од 2019 година, режимот на Ердоган затворил повеќе новинари од која било друга земја во светот.

– Слободата на изразување во Турција е под постојан и зголемен напад. Од неуспешниот обид за пуч во јули 2016 година, академски граѓани, новинари и писатели кои ја критикуваат владата ризикуваат криминална истрага и гонење, заплашување, вознемирување и цензура.

Заедно со затворањето на најмалку 180 медиуми со извршна наредба под вонредна состојба, пораката и ефектот врз слободата на медиумите е јасна и вознемирувачка. Тежината на репресијата на турската влада врз медиумите е таква што од некои е опишана како смрт на новинарството – истакнаа од „Амнести Интернешнл“.