Великодостојниците на СПС повеќе се занимаваат со политика отколку со веронаука

Од опозицискиот Сојуз за Србија сметаат дека многу верници што учествуваат на протестите се повредени од реакцијата на Иринеј, кој покажува „неразбирање за мирната и ненасилна борба за основните демократски вредности, кои се доведени во прашање“.

Опозицискиот Сојуз за Србија упатил отворено писмо до патријархот на Српската православна црква Иринеј со кое реагираат на неговата изјава за граѓанските протести, обвинувајќи го за директно мешање во дневнополитички прашања и дека отворено застанува на страната на власта.
Српскиот патријарх во настапот во Ниш, по повод 20-годишнината од бомбардирањето од НАТО, изјави дека „тоа што денес се гледа на улиците не е добро“ со објаснување дека „тоа им дава сила на непријателите на Србија“. Од Сојузот за Србија сметаат дека многу верници што учествуваат на протестите се повредени од реакцијата на Иринеј, кој покажува „неразбирање за мирната и ненасилна борба за основните демократски вредности, кои се доведени во прашање“.

Од кабинетот на патријархот на СПЦ на прашањата на Радио Слободна Европа изјавија дека не го примиле писмото на опозицискиот блок. Во говорот Иринеј објаснил како се доаѓа до власт, а опозицијата не може да го стори тоа со протестите, кои може да им наштетат само на својот народ и држава. За СЗС ова претставува директно мешање во дневнополитичките прашања и отворено застанување на страната на власта.
Историчарот и поранешен политичар Милан Протиќ вели дека Српската православна црква секогаш се потпирала на власта и поддршката на сегашниот државен врв не претставува изненадување.

– Подолго време великодостојниците на СПС повеќе се занимаваат со политика отколку со веронаука. Настапот на Иринеј во Ниш не е некој голем исклучок во однос на неговите претходни постапки и на другите владици. Патријархот Иринеј одамна се занимава со политика, дури и неговите божиќни посланија се со политичка боја – вели Протиќ.

Филозофот и религиолог Мирослав Кевеџи вели дека патријархот се свртел кон овоземската политика.

– Тоа што е очигледно за СПЦ и во настапите на Иринеј, е залагањето за агендата што подразбира Косово дефинитивно да остане во границите на Србија. Таа е подготвена да жртвува многу други политички проекти заради својот проект во кој Косово, како света земја останува во рамките на Србија. Црквата е подготвена да ги жртвува европските интеграции, и дел од населението и стандардот на граѓаните. Значи да не се влезе во подобри односи со различните етнички групи на територијата на Косово – вели Кевеџи.

Професорот и поранешен декан на Теолошкиот факултет Димитрија Калезиќ не гледа ништо спорно во говорот на патријархот Иринеј, кој го сфаќа како негова порака за мир.

– На црквата ѝ значи Косово. Манастирот „Дечани“ е ставен на листата на УНЕСКО, а утре не се знае дали ќе биде така – нагласува Калезиќ.

Владата на Србија ѝ одобри на Српската православна црква финансиска помош од 1,18 милијарда динари или околу 10 милиони евра за продолжување на работите за уредување на храмот „Свети Сава“ во Белград. Правната основа за доделување на наведената сума е содржана во Законот за буџетски систем, се наведува во одговорот од Генералниот секретаријат на Владата на Србија на прашањата од Радио Слободна Европа.

​Неколку месеци претходно, српската влада додели еден милион евра како дотација за намирување на достасаните законски обврски на СПЦ.

– Мене ова ми изгледа како купување на лојалноста затоа што патријархот знае како да се оддолжи за инвестициите што ги добива. Тоа го прави и преку неговите ставови за граѓанските протести во Република Српска и во Србија – оценува Сандра Петрушиќ, новинарка на НИН.

Не е тајна дека српскиот државен врв смета и на поддршката на Српската православна црква за прашањето за Косово. Иако ставовите на СПЦ и на државното раководство се разидуваат, јавно никогаш не дошло до расправија меѓу Иринеј и Вучиќ. Вучиќ се залага за идејата за разграничување на Србите и Албанците, додека СПЦ инсистира на тоа дека не треба да се доведе во прашање целосниот суверенитет и интегритет на Србија и врз територијата на Косово, се наведува во текстот на РСЕ.