Од за сега непознати причини, доцна синоќа се случиле инциденти меѓу бегалци и мигранти во прифатниот центар Мориа на грчкиот остров Лезбос.

Информативниот портал од островот, „Лезбос њуз“, пишува дека инцидентите се прошириле и вон кампот, а според непотврдени информации, неколку лица биле повредени и пренесени во болница.

Според последните официјални податоци од грчката влада во прифатниот центар Мориа со капацитет од 3000 лица, сместени се 6885 бегалци и мигранти.

Синоќешните инциденти се случија неколку дена пред посетата на Лезбос на грчкиот премиер.

Според локалните медиуми, Алексис Ципрас, се очекува в среда или в четврток да биде на островот за Регионалната конференција на владата.

Меѓутоа, жителите нема да му приредат топол пречек. Планирани се активности и протести и поради ситуацијата со бегалците и мигрантите, но и поради укинувањето на намаленото ДДВ на островот. Засега, не е познато дали грчкиот премиер ќе го посети и бегалскиот камп Мориа, што е еден од најпроблематичните прифатни центри во Грција и поради пренатрупаноста и поради честите инциденти меѓу бегалците и мигрантите.