Интернет-просторот е моќно оружје за политичките партии од регионот и тие никогаш нема да се откажат од него

Според извештајот на „Дигитал глобал“, организација што се занимава со мониторирање на користењето интернет и социјални мрежи, земјите од регионот бележат најголем пораст во своите активности на интернет и на социјалните мрежи од почетокот на годината, при што бројот на новоотворени веб-портали е константно во пораст

Борбата со дезинформации во интернет-медиумите во регионот се чини дека за време на пандемијата на коронавирусот тешко наоѓа лек за проблемот што ги мачи речиси сите држави од поранешните југословенски простори. Со ваква констатација излезе неодамна балканскиот портал на „Ал џезира“, кој повикувајќи се на извештајот на „Дигитал глобал“, организација што се занимава со мониторирање на користењето интернет и социјални мрежи и портали, наведува дека регионот од почетокот на годината досега бележи најголем пораст во своите активности на интернет и на социјалните мрежи.
Според студијата на организацијата, која ја пренесува балканскиот сервис на „Ал џезира“, населението на Босна и Херцеговина најмногу користи интернет во регионот или вкупно 72 проценти од жителите, а земјата во предизборието исто така бележи и рекорден број на новоотворени интернет-портали.
Како што наведува медиумот, повикувајќи се на извештајот, овие податоци станаа актуелни за домашната јавност особено кога познатите политички партии во државата периодов, особено поради пандемијата, се свртеа со своите активности на интернет и на социјалните мрежи. Поради тоа, како што наведува „Ал џезира“, сè почесто е можно да се среќаваат нови интернет-портали и особено нови фејсбук-страници, кои најчесто се анонимни и величаат одредена политичка партија, истовремено напаѓајќи ги и клеветејќи ги своите политички противници. Прашањето што го поставува медиумот е како да се заштитат граѓаните од ваквите постапки на политичките партии и интернет-провајдерите.

– Граѓаните треба да се заштитат себеси и да не читаат или да учествуваат во коментари поврзани со политички партии на интернет. Тие треба да знаат на самиот почеток дека ако дадат коментар што не оди во прилог на ботови што работат на страниците, кои се всушност заштитници на политичките партии, тие ќе бидат нападнати, исмејувани или дури и обвинети за нешто со што немаат никаква врска. Лично, не би им давал многу значење и очекувања на законските решенија и казните на државата за ваквиот проблем, бидејќи искуството нè учи дека сето тоа е бавно и честопати е несоодветно задоволство за повредените – смета социологот Смилјана Вовна. Слична беше состојбата со новоотворените интернет-портали и во Србија, но и Хрватска периодов. Во Србија за време на последните парламентарни избори, според информациите од српските медиуми, биле отворени над 10.000 портали и фејсбук-страници главно со политичка содржина.
– Најверојатна причина за неконтролирано отворање интернет-портали во Србија е нервозата кај оние на кои денес им оди добро во Србија. Тоа е така бидејќи, според мене, пропагандата во печатените медиуми веројатно веќе не носи доволно добри резултати и нечиј рејтинг поради тоа се ниша под притисок на неисполнети ветувања.

Па оттаму масовното отворања сајтови, кои главно шират дезинформации со политичка содржина, е новата епидемија во Србија по коронавирусот – вели Игор Стаменковиќ директор на дигиталната мрежа „Скемдевисер“.
Слично како и во Србија, неодамна и во Хрватска во анализа на хрватски „Јутарни лист“ беше објавено дека меѓу пријавените портали во земјата, освен кредибилните новинарски куќи што работат многу години има и еден куп за кои поголем дел од хрватската јавност првпат слуша. Според медиумот, ова говори дека во земјата треба да се воведе соодветен закон за регулација на овој проблем во интернет-сферата во Хрватска.