Бошњачко-националниот совет бара да се воспостави специјален статус за Санџак, односно државните функции на власта да се извршуваат преку свои органи во општините, додека контролата на границата би ја извршувале меѓународни сили.
Во „Иницијативата за решавање на статусот на Бошњаците и статусот на регионот Санџак“, поднесена од БНС, се бара државните функции на власта да се извршуваат преку свои органи во општините, пренесува РТС. Територијата што би била под санџачката власт би ги опфатила подрачјата на општините Нови Пазар, Сјеница, Тутин, Пријеполе, Нова Варош, Прибој, Плевља, Бело Поле, Беране, Андријевица, Петњица, Гусиње, Плав и Рожаје.

– Контролата на границите на Санџак ќе ја извршуваат меѓународни сили, кои ќе гарантираат целосна слобода за движење на луѓе и производи – стои во објавата на интернет-страницата на БНС.
Со предложената иницијатива се предвидува Санџак да може да стапува во меѓународни односи кога се во прашање соработката во техничката, културно-образовната и економската соработка. Правата и обврските на Санџак би се регулирале со Уставот на Санџак.

– Санџак е територијално-политичка заедница на рамноправни граѓани и народи што живеат на оваа територија. На Албанците, Бошњаците, Црногорците и на Србите, со Уставот на Санџак ќе им се признае статус на конститутивен народ – се наведува во иницијативата.

Новата власт би се состоела од демократски избран парламент, гувернер и влада, а ќе бидат формирани и полиција и независни судски органи. Првите избори на овие органи би биле одржани под надзор на ОН, Европската Унија и ОБСЕ.

– Подрачјето на Санџак би било трајно демилитализирано и под надзор на ОН и ЕУ, што подразбира дека државните власти на Србија во рок од 30 дена од воспоставувањето на специјалниот статус за Санџак треба да ги повлечат сите воени сили од ова подрачје, а истото тоа се однесува и за полициските служби – се наведува во иницијативата на БНС.