Организацискиот одбор на граѓанската иницијатива „Земете ги парите од партиите“ почна со собирање потписи за распишување референдум за укинување на буџетските средства наменети за финансирање на политичките партии.

– Граѓаните се воодушевени. Успеавме да ја пробиеме блокадата и инициравме јавна расправа за финансирање на партиите – изјави Денис Мартиниќ, претставник на Организацискиот одбор.

Со евентуалниот референдум ќе се бара измена на Уставот со кој ќе се забрани финансирање политички партии од средства од државната каса, од буџетите на општините, градовите и жупаниите и од месните одбори. Собирањето потписи ќе се прави на 500 места во земјата, со 4.000 активисти, главно, симпатизери и членови на партијата Жив ѕид. Оваа партија единствено се вклучи во собирањето потписи, а партискиот секретар Тихомир Луканиќ ги повика граѓаните на Хрватска да го дадат својот потпис за организирање на референдумот за, како што рече, „да се заврши едно тажно мрачно минато на модерната хрватска историја и да се почне со изградба на нов систем, без паразитски партии“.

Организаторите на синдикалната иницијатива „67 е премногу“ во Хрватска во саботата објавија дека собрале повеќе од 600 илјади потписи за распишување референдум, за да се спречи зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија на 67 години.