Албанската наркомафија е во врвот на светскиот бизнис со наркотици. Стоката е различна, но патиштата се исти особено кога станува збор за шверцот на наркотици преку Албанија кон Европа, пишува британскиот весник „Индипендент“.

Албанските власти пред неколку години почнаа агресивна акција со надеж дека уништувањето на полињата со канабис и апсењето на одгледувачите ќе го намалат шверцувањето на дрогата и ќе ѝ помогнат на земјата да се приближи кон ЕУ. Сепак, весникот предочува дека дилерите успешно се приспособиле на ситуацијата почнувајќи, наместо со канабис, да тргуваат со кокаин и хероин.

„Индипендент“, во својот опширен текст насловен „Европската Колумбија – како малата Албанија стана седиште за шверцување дрога на континентот“, наведува дека трговците сега ја користат мрежата што ја користеле за канабисот. Тие ги дистрибуираат кокаинот од Латинска Америка и хероинот од Централна Азија преку Италија и другите делови од Европа.

Алфонц Ракај, аналитичар од Тирана и добар познавач на состојбите на Западен Балкан, вели дека софистицираните криминални групи се толку моќни што имаат мрежи низ целиот свет.

Соговорниците на весникот посочиле на фактот дека Албанија не би почнала отворена војна против трговијата со наркотици за членство во ЕУ, бидејќи, како што се наведува, земјата би изгубила многу пари. „Индипендент“ пренесува дека за неколку години Албанија стана главно седиште за трговија со наркотици во Европа. Во текстот се анализира дека иако државата на хартија се води како една од најсиромашните економии на континентот, со руиниран банкарски сектор што се потпира само на кредити, состојбата на теренот е сосема поразлична.

Властите во Тирана отфрлаат инволвираност на системот во криминални активности, но соговорниците за британскиот весник се согласни дека таквата слика во државата е индикатор дека во системот на шверц би можело да се вмешани и политички елити од земјата.

– Имате луѓе на 20 години, со луксузни автомобили. Не е тешко да се процени дека тие луѓе немаат никаква заднина, ниту образование за да имаат таков луксуз во рацете – вели аналитичарот Ракај.

По сѐ изгледа дека намамувањето во бизнисот со дрога се чини неодоливо за младите луѓе со малку можности во земјата со БДП по жител што е приближно ист како и во Куба.