Оружјето произведено во босанската фабрика БНТ-ТМиХ, кое е продадено на Саудиска Арабија, завршило во рацете на Исламска држава и Ал Каеда. Станува збор за 500 минофрлачи, објави британскиот весник „Индепендент“.

Новинарот на „Индепендент“ Роберт Фиск тврди дека во подрумот на бомбардираниот магацин за оружје на Ал Каеда во источниот дел на Алепо минатата година пронашол документи од фабриката за минофрлачи во Босна и Херцеговина, со потпис на поранешниот директор за контрола на оружјето во фабриката БНТ-ТМиХ во Новi Травник, Ифет Крњиќ.

Документите со пратката од 500 минофрлачи со калибар од 120 милиметри во Сирија пристигнале во јануари 2016 година.

Фиск го пронашол Крњиќ во Нови Травник, кој тврди дека компанијата го извезла оружјето во Саудиска Арабија.

– Тоа е мојот потпис! Да, тоа сум јас! Тоа е гаранција за минофрлачи со калибар од 120 милиметри, тоа е НАТО стандард – посочи Крњиќ.

Тој додава дека целото производство на БНТ-ТМиХ е под контрола на Американците и на НАТО.

Испораката од 500 минофрлачи е голема и поголемиот број европски армии немаат толку во својот арсенал. Дел од тие минофрлачи најверојатно завршија во рацете на непријателите на сирискиот претседател Башар ал Асад – исламистите од Нусра Фронт, огранок на Ал Каеда во северна Сирија, во рок од шест месеци од доставата.

Амбасадата на Сирија во Лондон за „Индепендент“ изјави дека Саудиска Арабија не дава „практична или некаква друга поддршка на каква било терористичка организација (вклучително групата Нусра или ИД) во Сирија или некоја друга држава. Исто така, Амбасадата ги отфрла наводите на Фиск како „нејасни и неосновани“.

– Саудиска Арабија е водечки глас во меѓународната заедница за поддршка на дипломатско решение за судирите во Сирија, додека во исто време соработува со соседите и сојузниците во борба против порастот на екстремистичките сили, се посочува во соопштението од Амбасадата на Сирија.

Фиск истакнува дека по влегувањето во Алепо пронашол голем број документи, меѓу кои и упатства на англиски јазик за користење на митралези и минофрлачи произведени во БиХ, во Србија и во Бугарија, но и празни кутии од противракетно оружје на американскиот производител „Хаџис Еркрафт Компани“.

Новинарот на „Индепендент“ пронашол и упатството за употреба на митралезот „Којот МО2“ на српската фабрика „Застава оружје“. Генералниот директор на „Застава оружје“, Милојко Брзаковиќ потврди дека документите се издадени од фабриката и оти купувачи биле Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати.

– Не постои ниту една земја на Блиски Исток која во последните 15 години не купуваше оружје од Застава – посочи Брзаковиќ.