Метју Палмер (лево) со косовскиот премиер Рамуш Харадинај

Одбивањето на косовските власти за укинување на царинските такси за производите од Србија и од БиХ, го загрозува пријателството со САД, пренесува косовскиот интернет-портал „Газета експрес“, предупредувајќи за можните последици.

Тоа го потврдува и испратеното писмо од заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, до косовскиот претседател Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај и до претседателот на парламентот Кадри Весели, во кое се наведува оти САД одлучиле да преземат конкретни чекори, вклучувајќи го преиспитувањето на безбедносното партнерство, изразувајќи незадоволство откако нивното барање за укинување на таксите било игнорирано.

– Како што претседателот Трамп напиша во писмото од декември 2018 година, ова е можност за напредок на Косово како стабилна и безбедна држава преку нормализирање на односите со Србија, како и за правење на клучен чекор кон интеграцијата во евроатлантските институции. Оттогаш ја изразивме нашата загриженост оти одредените акции, вклучувајќи го наметнувањето на тарифите за српските и босанските производи, би можеле да ја загрозат оваа цел. Овие акции ја подриваат способноста на САД да соработуваат со вас во врска со широкиот спектар на заеднички цели. Бидејќи нашето барање беше игнорирано, одлучивме да преземеме чекори за да го покажеме незадоволството, вклучувајќи го безбедносното партнерство – се наведува во писмото, во кое е кажано и оти „Косово нема подобар пријател од САД“.

Меѓу преземените мерки е откажувањето на посетата на Косово, на командантот на Националната гарда на Ајова, генералот-мајор Тимоти Ор. Згора, косовските медиуми известуваат оти косовското Министерство за одбрана ризикува да ја загуби воената помош од САД вредна 12 милиони евра, која вклучува донација на воени возила.