Фото: Игор Бансколиев

Стравот од вакцинацијата е изразен и во Хрватска, каде што и покрај обезбедените количества вакцини, одзивот на граѓаните е многу низок. Во Србија, пак, која прва обезбеди вакцини за своите граѓани, процесот за поголема имунизација на населението е отежнат поради зголемениот број заболени лица

Процесот на имунизација на граѓаните од регионот против ковид-19 влегува во „критична“ фаза. Поради бавната испорака на вакцините преку системот „Ковакс“, бројот на вакцинирани лица е далеку од постигнувањето на колективниот имунитет, а дополнителен проблем прави сѐ поголемата недоверба на граѓаните во однос на безбедноста на некои вакцини. Стравот од вакцинацијата е изразен и во Хрватска, каде што и покрај обезбедените количества вакцини, одзивот на граѓаните е многу низок. Во Србија, пак, која прва обезбеди вакцини за своите граѓани, процесот за поголема имунизација на населението е отежнат поради зголемениот број заболени лица. Во другите земји, како што се Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, состојбата е уште понеповолна поради необезбедените вакцини, а имунизацијата е сведена на донациите од Србија!
Инфектологот и член на Кризниот штаб на Србија, Мијомир Пелемиш, вели дека моменталната епидемиолошка состојба во Србија е резултат на недоволно почитување на мерките за спречување на ширењето на епидемијата. Тој предупредува дека процесот на вакцинацијата е загрозен поради големиот број инфицирани во последните две недели.
– Колку повеќе инфицирани има, поголема е опасноста од заразување со коронавирусот, а таквите лица не можете да ги вакцинирате. Вакцинацијата тргна добро, но истовремено мора да се искористи тоа и мора да се шири реалната приказна дека вакцините се безбедни. Не сум изненаден од зголемениот број заболени од коронавирусот, бидејќи мерките навистина не се почитуваат.

Заострување на мерките во претходниот период ќе ја намалеше концентрацијата на вирусот и ќе ги намалеше контактите меѓу луѓето. Новите видови на вирусот не ја менуваат суштината во мерките на заштита и тие треба да се почитуваат, како што е носење маски, одржување дистанца, хигиена и избегнување контакти – вели Пелемиш.
Тој како едни од причините за големиот број тешки случаи на пациенти смета дека се самолекувањето и неправилното лекување, а и поради тоа што пациентите оваа болест не ја сфаќаат сериозно.
Со отежнат процес на вакцинација се соочуваат и во Хрватска, поради проширувањето на информацијата дека неколку земји од Европската Унија привремено ја прекинале набавката и дистрибуцијата со вакцините од „Астра Зенека“. Медиумите во Хрватска ја пренесоа изјавата на Наташа Бан Тоскиќ, претседателка на КоХОМ, која е ангажирана за организација на вакцинирањето на граѓаните, кои во огромен процент искажуваат недоверба во вакцинацијата против ковид-19.
– Требаше да свртам 50 телефонски броеви за да прифатат десет луѓе да се вакцинираат. Што е лошо во тоа? Треба луѓето да се информираат. За овој проблем се знае од порано и имаше доволно време луѓето да се повикаат во ординација и да се поразговара со нив. Ако треба, ќе се повикуваат по пет лица на ден. Знам дека е потребен дополнителен напор, но ги повикувам и медиумите да учествуваат со позитивна комуникација, а не само со негативна – нагласува Бубаш во изјава за „Јутарњи лист“.

Вакцината на „Астра Зенека“ привремено беше повлечена, поради почитување на принципот на претпазливост, но, како што нагласуваат епидемиолозите, нема докази дека таа предизвикува непосакувани дејства. На вчерашната прес-конференција на Националниот штаб на цивилна заштита на Хрватска беше речено дека нема да дојде до прекин на вакцинацијата за лицата што се постари од 65 години, поради наводни појави на несакани дејства по добивањето на вакцината.
– Имаше несоодветна интерпретација од испитувањата за лицата постари од 65 години, но таа е повлечена. Сега се вакцинираат и од оваа категорија граѓани, Сите нуспојави се под истрага и внимателно се следат сите случаи. Што се однесува до појава на реакции кај луѓето по вакцинацијата, меѓу „Фајзер“ и „Астра Зенека“ нема разлика. Појавата на нуспојавите е околу 0,5 отсто за двете вакцини – беше кажано на вчерашната прес-конференција на Кризниот штаб на Хрватска.

Црна Гора е на самото дно од земјите во Европа според стапката на вакцинирани, а доколку се продолжи со ова темпо, ќе бидат потребни шест-седум години за вакцинација и ревакцинација на 75 отсто од населението, пишува СдМ, портал од Подгорица, кој се повикува на процените објавени на порталот „Блумберг“, кој направи листа на имунизацијата во земјите од светот. Имунизацијата од ковид-19 во оваа земја почна на 20 февруари, а досега се вакцинирани само 5.730 лица, односно околу 0,92 отсто од населението.
Во врска со претходните информации дека ќе пристигнат 100 илјади вакцини од „Астра Зенека“, министерот за здравство во македонската влада Венко Филипче изјави дека вакцините против ковид-19 што треба да пристигнат во земјава ќе бидат безбедни. Тој појасни дека ќе се чекаат официјалните препораки на Европската медицинска агенција. Филипче рече дека до крајот на овој месец или почетокот на идниот се очекува да пристигне и првата пратка вакцини од околу 100 илјади дози преку механизмот „Ковакс“.