Некои од работниците примаат и помали плати во споредба со периодот пред епидемијата

Сиромаштијата меѓу работниците во најпогодените сектори, само во Босна и Херцеговина, од околу девет проценти ќе се зголеми меѓу 11 и 15 отсто. Зголемен број на лица што ќе ја преминат линијата на сиромаштијата се очекува и во другите земји од Западен Балкан

Голем број граѓани од земјите во Западен Балкан во наредниот период ќе се соочат со губење на работните места, намалени приходи, што ќе ги однесе во спиралата на сиромаштијата. Агенциите за вработување во околните земји објавуваат загрижувачки податоци за бројот на лицата што во последните два месеца ја изгубиле работата. Многу од нив се работници што се во ризичната зона да ја преминат и линијата на сиромаштијата, која и пред корона-кризата беше поставена на мошне високо ниво.
Според процените, во Босна и Херцеговина досега од почетокот на пандемијата работата ја изгубиле околу 32 илјади формално вработени лица. За само шест работни дена, од 27 јули до трети август, годинава бројот на вработени во федерацијата е помал за 1.658 лица, објави Даночната управа на овој ентитет.

Натамошното отпуштање на работниците ќе доведе до подигнување на нивото на сиромаштија во земјата, а според предвидувањата на Светската банка, околу 20 отсто од населението во БиХ до крајот на годината ќе бидат под линијата на сиромаштијата, која изнесува 270 конвертибилни марки (околу 135 евра) месечно за возрасно лице.
Во извештајот на Светската банка под називот „Економско и социјално влијание на ковид-19“ се проценува дека потрошувачката во БиХ ќе падне за 3,5 до 6,7 проценти што ќе доведе до зголемување на сиромаштијата во 2020 година, особено меѓу работниците.
Пред пандемијата, сиромаштијата меѓу работниците во најпогодените сектори изнесуваше околу девет проценти. Но, најверојатно, овој процент ќе се зголеми меѓу 11 и 15 отсто. Загрижувачки е што околу 60 отсто од тие што ќе осиромашат поради корона-кризата, во овој момент не се опфатени со никакви програми за социјална заштита, се наведува во документот на Светската банка, пренесува Радио Слободна Европа.

– Состојбата ќе биде многу полоша. Во рамките на ЕУ И УНИЦЕФ беше посочено дека линијата на сиромаштија е околу 23 отсто. На ова треба да се додадат и негативните ефекти од короната. Кога сето ќе се собере во Босна и Херцеговина нѐ очекува експлозија на сиромаштија – нагласува Жарко Папиќ, економски аналитичар и директор на Иницијативата за подобра и похумана инклузија (ИБХИ).
Најголеми губитници од кризата се оние без формално вработување, кои остваруваат приходи во сивата зона, а кои сега се без работа или без редовни приходи. Тоа се ситните трговци на пазарите, градежните работници, вработените во угостителството и туризмот. Тоа значи дека бројката на лица без приходи е поголема од онаа што официјално се соопштува.
– ОД мерките на Владата ниедна не е насочена за директна помош за работниците. Тоа што го гледаме секојдневно е намалување на платите за вработените во споредба со периодот пред пандемијата. Ако некој порано заработувал од 600 до 700 КМ сега прима плата од 400 КМ (околу 200 евра) – вели Мерсиха Бешировиќ, претседателка на Самостојниот синдикат за трговија и услужни дејности во БиХ.

Намалувањето на туристичкиот промет во Хрватска влијаеше на порастот на бројот на невработени над 150.000 лица. Речиси секој 20-ти граѓани ја изгубил работата. Ова е најголемиот пораст на невработеноста во Хрватска, и тоа за една третина во однос на претходната година објави „Индекс“. Пандемијата ја турна Хрватска во најдлабоката економска криза од нејзиното осамостојување. Оцената на економистите од Народната банка на Хрватска е дека падот на БДП за годинава ќе изнесува околу 9,7 отсто, а тоа ќе предизвика сериозни последици на извозот и туризмот, инвестициите и потрошувачката на домаќинствата, а со тоа и на пораст на сиромаштијата. Во слична состојба ќе се најде и Црна Гора, чии граѓани се потпираа на приходите што ги остваруваа во летниот период од угостителките услуги и туризмот.
Агенцијата за вработување на Македонија не ги објавува официјалните податоци колку нови лица се пријавиле како невработени во јуни и јули поради отказ од работа. Според официјалниот податок објавен на нивниот сајт од март до мај, бројот на невработени во земјава се зголемил за нови 15.371 лица, објавија деновиве некои медиуми во Македонија.

По појавата на првите заболени лица во земјата, Владата на Македонија донесе пакет мерки за помош на фирмите и за социјална заштита на домаќинствата погодени од второстепените ефекти на пандемијата на ковид-19. Почетните анализи за влијанието на корона-кризата е дека бројката на баратели на помош е зголемен за триесетина проценти. Станува збор за нови лица што сега првпат се обратиле до социјалните служби и до невладините хуманитарни организации. Очекувањата се дека околу 20.000 нови домаќинства од неформална економија би побарале брз влез во системот на социјална заштита за април и мај.
Последниот официјален извештај на Државниот завод за статистика за стапката на сиромаштија во земјава е објавен на крајот на ланската година, а се однесуваат за 2018 година. Во него се наведува дека во Македонија 21 отсто од граѓаните живеат во сиромаштија. Тоа значи дека секој петти жител живее тешко и со голема мака ги набавува основните намирници. Според типот на домаќинствата, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 22 отсто.

Стапката, пак, на сиромашни пензионери е 7,9 отсто. Во анализата стои и дека дури 50 отсто од семејствата со три или повеќе деца живеат во сиромаштија. Дополнително, во анализата на статистика стои дека дури девет отсто од вработените лица се сиромашни, а невработени сиромашни лица се близу 40 отсто. Детската сиромаштија во Македонија се проценува на 29,3 отсто во 2018 година.